Министерството за внатрешни работи соопшти дека благодарение на снимките кои со наредба од надлежниот Јавен обвинител беа прибавени од медиумите, што ги следеа бруталните и насилни протести, успеало да идентификува 18 лица кои со бекатон плочки, метални шипки, шишиња и други предмети, повредија 38 полициски службеници во протестот пред Владата.
Од 18-те осомничени против кои досега е поднесена кривична пријава поради основано сомнение дека сториле кривично дело „учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејство“, се вели во соопштението, досега се обезбедени 16 лица, а по уште 2 се трага.
Освен сниммките од медиуми, како што се наведува, вандалското однесување е документирано и преку безбедносниот видеонадзор и во форма на кривична пријава и посебни извештаи доставено до надлежниот Јавен обвинител. Во кривичната пријава поднесена до Јавниот обвинител, точно е наведено дејствието на секое идентификувано лице, доставен фото албум од неговото учество во нападите врз полицијата, а доставени се и видео-снимки на кои што точно е забележано на која снимка, од кој медиум, на кој точно временски код.
Денеска беше поднесен посебен извештај до ОЈО Скопје со кој беа опфатени уште 5 лица: С.Љ.(30), Б.М.(53), Д.Б.(23) и М.Т.(28), како и едно малолетно лице на возраст од 16 години. Еден од четворицата осомничени идентификуван е на снимките и како бесрамно го симнува македонското државно знаме од јарболот пред Владата на Република Македонија за што ќе му биде поднесена дополнителна кривична пријава по целокупното документирање на дејствието, стои во соопштението од МВР.
На увид на јавноста, истакнуваат од МВР, ги ставаме дејствијата на лицата пријавени со денешниот извештај, а во наредниот период, заради шпекулациите во одредени медиуми Министерството ќе го стори тоа и со останатите. Меѓу досега пријавените лица има поединци кои евидираат во полициските датотеки со дестици пријави за насилства, разбојништва и други тешки кривични дела. Освен мерките на кривичен прогон, МВР досега поднесе и 26 прекршочни пријави по Законот за прекршоци против јавниот ред и мир поврзани со насилните протести.
На 5 мај, како што се наведува, целокупната македонска јавност беше сведок на бројните снимки на кои македонската полиција беше брутално каменувана, удирана со шипки и шишиња. Целокупната македонска јавност беше сведок на снимките на запалени контејнери, скинати македонски знамиња, демолирани возила и простории на медиуми од страна на насилни демонстранти.
– МВР јавно го повикува СДСМ, наместо да шири дезинформации и да подгрева атмосфера на насилства, да се огради од овие вандали и да и помогне на полицијата при идентификувањето на секој хулиган кој што се дрзна брутално да се изживува врз полициските службеници. МВР најостро ги демантира лагите објавени во некои медиуми за наводно приведување на 60 невини студенти. Досега се идентификувани 18 насилници и секое нивно дејствие е фотодокументирано. Наредниве денови Министеството ќе изготви детален материјал за дејствијата на секое од овие лица и доколку има интерес истото може да го презентира на меѓународните претставници, стои во соопштението.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.