| четврток, 6 декември 2018 |

Промовирани брошури со права на работниците при работа во ЕУ

proekt

Брошури со правила за идното осигурување на македонските државјани доколку остварат право на работа во некоја од европските држави се промовирани денеска во Скопје како дел од твининг проектот за зајакнување на капацитетите за ефективна примена на законодавството на Европската унија.

Правилата од промовираните брошури „Права кои произлегуваат од социјална сигурност кога се движите во ЕУ“, „Вашата идна работа во Европа“ и „Вашето идно вработување во Европа“  ќе се применуваат по зачленувањето на Македонија во ЕУ.

Целта на проектот е подготовка на македонските институции за исполнување на обврските за членство во областа на слободно движење на работниците. Се зајакнуваат  националните институции и административни капацитети за координација на системите за социјална заштита и членство во Европската мрежа на сервисите за вработување.

– Слободното движење на лицата и правото на работа и студирање во друга држава-членка во рамките на ЕУ е еден од основните принципи на Унијата. Но, оваа слобода е ограничена во смисла на тоа што не постои унифициран европски систем за социјално осигурување и токму затоа една од преземените акции за олеснување на миграцијата е координацијата на националните системи за социјално осигурување, рече државниот секретар во Министерството за труд и социјална политика МТСП Енвер Хусеин на презентацијата на активностите од проектот.

Идејата, укажа Хусеин, е да им се овозможи на лицата од една држава членка да работат во друга држава членка и се уште на можат целосно да ги остварат нивните права на социјално осигурување. На тој начин ЕУ обезбедува заеднички правила за да ги заштити правата на лицата на социјално осигурување.

Според евроамбасадорот Аиво Орав,  граѓаните на ЕУ од една членка при работа во друга земја членка  имаат право на исти  социјални придобивки. – Лицата кои сакаат да работат во друга држава често немаат информација за своите права во земјата членка домаќин и може да имаат проблеми во пристапот кон работните места. Затоа ЕК ја воспостави мрежата за услугите за вработување, голем портал со информации  и најпосетен сајт  во ЕУ од нејзините граѓани. Целосно отворање на пазарот на трудот не доаѓа наеднаш, туку тоа е постепен процес. Откако  работниците ќе се вработат законски во друга земја на ЕУ тие имаат право на рамноправен третман како и работниците во земјата во која работат – рече Орав.

Вредноста на  твининг проектот финансиран од ЕУ, а кој почна во  март 2013 и ќе трае до август годинава, е 950.000 евра. Партнери во проектот се Шведската  агенција за социјално осигурување и Унгарската национална канцеларија за труд, во соработка со повеќе македонски институции, МТСП, Агенцијата за вработување, фондовите за пензиско и за здравствено осигурување.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top