| четврток, 6 декември 2018 |

Донесени измените на Законот за минимална плата

плата

Пратениците денеска, во рамки на 47. седница, со 60 гласови „за“, без ниту еден воздржани и „против“, по скратена постапка ги донесоа измените и дополнувањата на Законот за минимална плата .

Со измените, како што нагласи министерот за труд и за социјална политика, Диме Спасов, се овозможува системска заштита на работниците што остваруваат минимална плата, односно, се воспоставува поправичен систем на исплата на минимална плата, како и поправично казнување на работодавците што не го почитуваат законот. Казните нема да бидат исти за сите, ќе зависат од големината на бизнисот.

Новиот систем, додаде Спасов, воедно ќе ги дестиумилира приватните компании во неисплаќањето минимални плати зашто казните се во висина на речиси една плата (300 евра глоба за правно и 150 евра за одговорното лице, како и половина од овие суми при порамнувањето – ако платата се исплати за седум дена од санкционирањето).

– Измените на законот значат целосна промена на концептот за санкционирање на работодавците што не исплаќаат минимални плати, а се доставени по претходна согласност на сите партнери во економско-социјалониот совет и претставниците на реперезентативните синдикати и организации на работодавци – подвлече Спасов.

Министерот потсети дека минималната плата во висина од 8.000 денари првпат во Македонија со закон е утврдена на почетокот на 2012 година. По две години од примената на Законот, во 2014-та, Владата предвиде годишно скалесто зголемување на минималната плата, 8.800 денари во 2014, 9.590 денари во 2015 и 10.080 денари во 2016.

За ефикасна примена на Законот, од лани, посочи Спасов, почнаа и интензивни инспекциски контроли. Само во 2014 година е спречено непочитување на Законот за 6.800 работници, 99 отсто од работодавците во рок од седум дена, како што е законски предвидено, ја исплатиле платата.

Собранието претходно ги донесе и измените на Закон за царинска тарифа, кои предвидуваат намалување на царинските стапки за одредени производи и преименување на одредени тарифни ознаки со цел зголемување на обемот на странските инвестиции и проширување на производствените капацитети што, пак, ќе имплицира отворање работни места и зголемување на извозот.

Во тек е расправаат по годишните извештаи за работата на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер за 2014 година, на Агенцијата за пошти за 2014 година, на Македонската радио телевизија за 2014 година, Комисијата за заштита на конкуренцијата во 2014 година, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за 2014 година, и на Државната комисија за спречување на корупција во 2014 година.

На дневен ред на седницата се и Извештајот за работата на Агенцијата за администрација за 2014 година и Барањето за давање автентично толкување на член 327 став (3) точка 6) од Законот за парничната постапка, поднесен од Никола Мицевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top