Никола Бакрачевски е изборот на златната рипка. Охридското „Супер радио“ го објави „гласот“ на рипката Желба за градоначалник на Охрид, на која пред два дена ѝ беа понудени две касички со храна на кои беа залепени слики од ривалските кандидати за градоначалник на Охрид – Александар Петрески од „Сојузот за иднината“ и д-р Никола Бакрачески од ВМРО-ДПМНЕ.
– Откако неколку минути се колебаше каде да тргне и од кој дел на поделениот аквариум да земе храна, Желба, сепак, тргна кон делот кој беше обележан со сликата и партиските бои на кандидатот за градоначалник на Охрид од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Бакрачески – велат од „Супер радио“.
Целата акција беше направена во само два-три дена, после последните, немили случувања во Охрид. Сакавме да дадеме еден скромен придонес како медиум во смирување на страстите и затоа се одлучивме за една ваква акција по примерот на октоподот Пол, кој ги предвидуваше резултатите на Светското првенство во фудбал во Јужна Африка.
Според главниот и одговорен уредник на „Супер радио“, Желба имала поголемо помнење од останатите златни рипки, кои нели помнеле само две-три секунди.
– Нашата Желба ќе ги помни долго и сите ветувања кои ги дадоа кандидатите за време на кампањата и ние редовно ќе го потсетуваме новиот градоначалник на истите – истакна Митаноски, кој додаде дека рипката Желба и посебно дизајнираниот аквариум за оваа намена по изборите ќе бидат подарок од „Супер радио“ за новиот градоначалник.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.