Премиерот Никола Груевски синоќа говореше за успесите од овие мерки, но и за однесувањето на СДСМ партијата на која очигледно и пречат македонските успеси.
Европската Комисија вчера излезе со пролетните проекции за растот на економиите на сите земји од Европа. Ако со последната есенска проекција беше проектирано дека македонската економија ќе има втор највисок раст, со најновата проекција ЕК проектира дека Македонија ќе биде прва со највисок економски раст во Европа.
Груевски синоќа за Сител потенцира дека се предвидува оваа година со 3,8 Македонија да има највисок раст на економијата од сите земји во Европа.
-Следната 2016-та година од сите земји во Европа се очекува повторно Македонија да има највисок раст на економијата со 3,9 отсто. И оваа и следната година Европската Комисија, не зборувам за некоја наша прогноза, туку Европската Комисија прогнозира највисок раст на економијата од сите земји во Европа токму на Република Македонија. Тоа е една убава вест што ме радува и укажува дека нашите напори на тој план даваат одлични резултати – рече Груевски.
Премиерот смета дека е можно сево ова што се случува во Македонија некому да не му одговара и затоа да иницира сценарија кои сега се случуваат.
Додека македонската Влада со поволни услови привлекува странски инвеститори и вработува огромен број на граѓани, опозицискиот лидер ги брка инвеститорите од својот град.
Холандската фабрика „Антура интернешнл“ вчера започна со работа во Кочани и најави вработување на 300 лица.
Контактите, со оваа компанија, како што нагласи Груевски, биле започнати некаде во 2012 година, кога промоторот во Холандија остварил средба со претставници на компанијата, по што со министерот за првлекување на странски инвестиции Веле Самак со здружени сили, успеале да ја убедат компанијата да ја одбере Македонија како следна бизнис дестинација.
-Се работеше неколку години, веднаш по првиот контакт на овие три лица беа донесени кај мене, некаде во почетокот на 2013 година каде што имав разговор со нив и ми ги соопштија нивните намери дека сакаат да отвораат фабрика којашто всушност е една голема лабораторија за производство на семе за цвеќиња и корења за цвеќиња, им дадовме можности да одат во повеќе општини и да си одберат локација, поминаа неколку општини и на крајот го одбраа Кочани, тука беа најзадоволни од самиот градоначалник, од она што им го понуди, услугата и од целиот начин на негово делување. Ние како влада го поддржавме тоа и чекор по чекор еве со инвестиција од 6 милиони евра дененска компанијата има 150 вработени, коишто веќе работат, а претходно биле без работа – истакна премиерот вчера во вестите на Канал 5.
Оваа голема компанија најпрво сакаше да инвестира во Струмица чиј градоначалник е Зоран Заев. Но токму тој го избрка инвеститорот и веднаш почнал со манипулации.
Премиерот Груевски во март зборуваше на оваа тема.
– Иако им ветил локација со маркица за градење фабрика, бидејки веројатно немал таква спремна во моментот, без да ги информира, им продал локација за градење на катна гаража и зелен пазар.Кога дознале, неверувајки што ги снашло, инвеститорите побарале објснување од него, а добиле одговор ич да не се секираат, кај да е за 6-7 месеци ќе го смени планот и потоа ќе може да почнат градба. Кога виделе со кого си имаат работа, кога се пресметале колку ќе ги чинат тие 6-7 месеци чекање, кога веројатно им текнало дека ако еднаш ги излажал, може пак да им се случи, рикверц, и директно кај Ратко градоначалникот на Кочани, кој како и претходно ги дочекал подготвен со се што им треба, како и секој сериозен градоначалник. Е затоа денес во Кочани се вработуваат невработени, а во Струмица на таа локација сеуште има само обична празна земја без фабрика – истакна Груевски.
Во таа насока тој нагласи дека со лаги и интриги, не се привлекуваат инвеститори, туку со работа, труд и чесен и искрен однос.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.