| четврток, 6 декември 2018 |

Браќата биле убиени од нивни роднини

Основното јавно обвинителство Тетово го расветлува двојното убиство случено утринава во село Мерово. На местото на убиството е излезен надлежен обвинител од тетовското јавно обвинителство, кој ја води истрагата за слученото двојно убиство во кое од живот се лишени две лица, браќа на возраст од 23 и 25 години. Убиството се случило во место Јабланица, село Мерово, Тетовско.

„Утринава во периодот од 6.00 до 7.00 часот, настанала караница меѓу две спротиставени групи, кои се во сродство. Во пресметката меѓу нив било употребено и огнено оружје, при што од живот се лишени двајцата браќа од едната група, а телесно е повреден нивниот татко. Од другата, спротиставена група се повредени две лица што со телесни повреди се пренесени во Клиничкиот центар во Скопје“, се наведува во денешното соопштение од Обвинителството.

Истрагата на надлежното Основно јавно обвинителство Тетово продолжува во насока на прибирање на материјални докази со цел расветлување на настанот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top