Поранешниот советник во Конгресот на САД од Демократската партија не доби казна затвор откако сам се изјасни за виновен за сексуален напад на две жени, пишува „Хафингтон пост“.
Дони Реј Вилијамс Помладиот, поранешен шеф на персонал на поткомисиите за Внатрешна безбедност и за Владини прашања на Сенатот, призна дека дрогирал и сексуално злоупотребил две колешки во декември. Се изјасни за виновен и за упатување закани.
Нападите се случиле пред неколку години. Во писмото прочитано пред судот при изречувањето на неговата казна на 3 април, една од неговите жртви раскажала како го запознала обвинетиот откако била примена како практикант во 2010 година и мислела дека ќе ѝ помогне во напредок во кариерата.
Но, наместо тоа, таа раскажува, „тој ме дрогираше и ми го стави животот на ризик“, пишува „Вашингтон пост“. По нападот, таа се преселила, но Вилијамс продолжил да ја вознемирува. На почетокот, Вилијамс одрекувал дека обвиненијата се вистинити и упорно тврдел дека врските биле обострано доброволни.
Како дел од неговата спогодба, обвинителите побарале од судијата да го осуди на 4.5 години условна казна. Вилијамс ќе шета слободно ако не се вплетка во неволја. Осуден е и на 5 години условно под надзор, што значи дека дека ќе треба да се регистрира како сексуален престапник во следните 10 години и да оди на советување.
Делумна причина за обвинителите да се согласат за спогодба за Вилијамс е тоа што бил жртва на напад со киселина (иако тоа воопшто нема врска со случајот) по кој Вилијамс заглавил во долгови и му пропаднала политичката кариера.
По околу една година од неговото апсење, личност за која Вилијамс мисли дека е поранешно момче на девојка со кој Вилијамс бил во врска, му фрлил кафеава течност в лице.
„Вашингтон пост“ напиша дека Вилијамс прво мислел дека е кафе. Но, почнало да го боли, се чувствувал како да му гори телото.
– Мислев дека ќе умрам, Вилијамс изјави во интервју на почетокот од годинава.
На крај се испоставило дека течноста била киселина. Неговите адвокати пред судот објасниле дека поминал еден месец в болница, дека е слеп на едното око и дека бил подложен на неколку операции опасни по животот за да се поправи штетата од нападот кој му го сменил личниот опис. Вилијамс сè уште има изгореници на лицето и огромна испакнатина на главата каде што лекарите хируршки вметнале шипка за да му ја оптегнат кожата.
Властите сè уште го истражуваат нападот и сè уште никој не е уапсен, вели „Вашингтон пост“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.