По откривањето на обидот за шверц на 15 килограми марихуана преку граничниот премин Табановце од страна на царинските инспектори од Одделението за оперативни работи при контрола на германски автомобил, управуван од германски државјанин во март годинава, Одделението за истраги презеде натамошни мерки и активности за откривање други инволвирани лица во кривично-правниот настан.
Одделението за истраги, соопшти денеска Царинската управа, ја продолжи истрагата во координација со Бирото за царински истраги во Германија -ZKА (Zollkriminalamt). Од спроведената истрага на случајот, стои во соопштението, кога во повеќе фабрички делови во германско возило, управувано од германскиот државјанин Ф.В. беа пронајдени 15 пакувања марихуана со вкупна тежина од околу 15,5 килограми, беше утврдено дека осомничениот ја набавил марихуаната во западна Македонија и имал намера да ја пренесе во западно-европските земји.
Германските царински инспектори извршиле претрес во домот на осомничениот Ф.В. каде била пронајдена и запленета поголема количина марихуана и амфетамини, оружје пиштоли и пушка и одредена количина пaри.
– Успешното откривање и спречување на нелегалната трговија со наркотични дроги, е резултат на постојаната меѓународната соработка и размена на информации помеѓу царинските институции на двете земји – стои во соопштението од Царинската управа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.