–Во Европскиот парламент со големо внимание и загриженост се следат случувањата во Република Македонија – вели известувачот за Македонија, словенечкиот европратеник Иво Вајгл од групата на европските Либерали и демократи.
– Без двоумење, ситуацијата во Македонија, таква каква што е, не загрижува сите нас кои сакаме Македонија да ги надмине потешкотиите и што побрзо да тргне по европскиот пат. Тоа е нешто, што јас исто така искрено му го посакувам на македонскиот народ и македонската држава. Се плашам дека политичката криза која денес се случува не и користи на интерсите на Македонија и дека би било многу значајно политичките сили и водечките политички партии да најдат решение да се најдат на оние позиции кои се во интерес на државата и да ја надминат сегашната конфронатција која преовладува, како темелна ориентација на сите политички партии – изјави за МИА Вајгл.
Според овој политичар од Словенија, кризата во Македонија има две димензии. – Едната е исклучиво политичка и се искажува како недостиг на меѓусебна доверба и конструктивно однесување, а другата е правна криза и прашањата кои не можат да бидат решени или согледани поинаку, туку само преку објективна истрага, што од обвиненијата кои се изнесени во јавноста се издржани, а што не се. И какви последици од тоа треба да се извлечат, додава тој.
Како што јави дописникот на МИА од Стразбур, Иво Вајгл, во договор со другите два европратеника Едуар Кукан од групата на Народните партии и Ричард Ховит од групата на Социјалистите и демократите, не сакаат да дават изјави за содржината на разговорите што ги водеа или ќе ги водат со претставниците на водечките македонски партии за изнаоѓање на решение.
Едуар Кукан, не сакаше да дава официјални изјави, но тој само ни потврди дека тоа што ќе го каже Вајгл е истото што ќе го каже и тој и Ховит.
– Не сакам да зборувам за она што ние работиме. Но која е нашата функција. Нашата функција е само во тоа да помогнеме да се создаде атмосфера на дијалог и барање на позитивно решение. Засега мислам дека таква атмосфера постоеше и беше создадена во разговорите. Меѓутоа резултатите на таа наша мисија, која ја означивме како „олеснување“, значи оние кои сакаат само да помогнат, а решението ќе го донесат македснките политичари и македонските политички партии – вели Кукан.
Словенечкиот европратеник не се осудува да дава предвидувања дали наскоро ќе биде најдено решение за кризата.
– Не би се осмелил да давам прогнози. Тоа е прашање за оние кои ја предвидуваат иднината. Јас искрено се надевам дека тоа решение ќе биде најдено што е можно побрзо. Тоа е во многу, многу итен интерес на Македонија – истакнува тој.
Вајгл, не можеше да каже дали наскоро ќе има нови средби со претставниците на политичките партии од Македонија. – За ова во овој момент не можам да ви кажам ништо. Но би сакал да го додам тоа дека навистина во Македонија политичарите треба да сватат дека предупредувањата кои доаѓаат од Брисел се многу добронамерни и јасни: кризата не може и не смее да трае, бидејќи таа серизоно ќе ги оштети интерсите на Македонија – потенцира тој.
Во разговорот со Вајгл и со други европратеници беше нагласено дека сите во Европскиот парламент сакаат Македонија да напредува на патот на евроинтеграциите и затоа тие работат на изаноѓање решение, колку што можат да помогнат. Според нив решението за кризата се наоѓа во Македонија, а не во Стразбур или Брисел
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.