Алексеј Милер, директорот на рускиот гигант за гас, ја посети Атина за да разговара за „актуелните енергетски прашања“ со грчкиот премиер Алексис Ципрас. Воопшто не беше изненадување дека гасоводот „Турски тек“ е дел од агендата. Многумина веруваат дека токму тој гасовод е можност Грција да побегне од одговорноста кон „Тројката“.
Пристигнувањето на Милер беше придружено со нетрпеливост на Европската унија. Веднаш по тужбата за „Гугл“, органите на ЕУ што се одговорни за регулирање на конкурентност на пазарот најавија тужба за монопол против рускиот државен гигант „Гаспром“. Таквите обвиненија се, всушност, воскреснување на обвиненијата од 2012 година. Според ЕУ, „Гаспром“ се сомничи за злоупотреба на доминантната позиција во земјите што ги снабдува со гас. Се чини дека ЕУ станува нервозна…
ЕУ како да сфаќа дека можен договор меѓу Грција и Русија, како што изјави висок функционер, би можело да значи пресврт за земјата, која е до гуша во долгови.
„Ројтерс“ пред средбата напиша:
– Директорот на рускиот гигант за гас „Гаспром“, Алексеј Милер, ќе ја посети Атина за да разговара со грчкиот премиер, Алексис Ципрас, и министерот за енергетика, Панајотис Лафазанис – изјавија од грчкото Министерство за енергетика.
– Се очекува да дискутираат за „актуелни енергетски прашања“, изјавија од Министерството. Гласноговорникот на „Гаспром“, Сергеј Курпијанов, ја потврди посетата на Милер.
За време на разговорите со рускиот претседател, Владимир Путин, на почетокот на април, Ципрас покажа интерес за грчко учество во гасоводот, кој би носел руски гас до Европа преку нејзината територија.
Тоа беше доволна причина ЕУ да преземе индиректни мерки. „Волстрит журнал“, врз основа на изјава на личност што е добро запознаена со проблемот, пред средбата објави дека органите на ЕУ, кои се одговорни за конкуренција на пазарот, планираат да поднесат тужба за рускиот државен гигант за гас „Гаспром“. Таквиот чекор значи ескалација на односите меѓу Европа и Москва.
Европската комисија почна официјална истрага за „Гаспром“ и за неговите деловни активности во некои источноевропски и јужноевропски земји уште во 2012 година поради сомнеж дека компанијата ја злоупотребува својата доминантна позиција во снабдувањето со природен гас.
Комесарката за конкуренција, Маргет Вестагер, уште во февруари изјави дека е подготвена многу наскоро да поднесе официјална тужба за „Гаспром“.
Извори што се добро запознаени со случајот на ЕУ против „Гаспром“ изјавија дека незадоволството од работењето на компанијата е веќе дел од агендата на комисијата и дека не се очекува никакво противење за поднесување на тужбата.
Извори, пак, блиски до „Гаспром“, изјавија дека компанијата уште пред две недели изразила желба да се договори со комисијата. Официјалните разговори за постигнување спогодба паднаа во вода откако Русија минатата година го отцепи Крим од Украина.
Со тужбата против „Гаспром“, Вестагер достигнува кулминација во борбата со монополи против уште една голема компанија само една недела по тужбата против американската компанија „Гугл“. Случајот против „Гаспром“ може да резултира со мултимилијардерска казна за компанијата.
Путин, пак, со изградбата на „Турски тек“ ќе отепа два зајака со еден куршум:
1. Откако пропадна проектот „Јужен тек“ во кој ЕУ ја притисна Бугарија да не дозволи изградбата на рускиот гасовод да стигне до Европа, на Русија ѝ требаше алтернативна траса, која не би поминувала низ Украина (и Бугарија). Според планот на Кремљ, тоа треба да се оствари во следните три години. Бидејќи Унгарија и Србија на драго срце прифаќаат да го транспортираат рускиот гас до австрискиот централноевропски центар за гас, Грција беше единствената алка што недостигаше во синџирот на транспорт. Со постигнувањето на тој договор, Русија добива зелено светло да го продолжи „Син тек“ сè до Австрија и да си ја зачува доминацијата на европскиот енергетски пазар и истовремено да ја стави Украина во крајно неповолен вакуум.
2. Наеднаш, Русија станува великодушен добротвор, кој вјаса да ја спаси Грција, а во исто време уште повеќе да ѝ го загорчи животот на еврозоната и да собере уште по некој позитивен бод од јавноста. Уште пред неколку недели беше јасно дека грчкиот народ е многу попозитивно настроен кон Русија отколку кон еврозоната. Со тоа, Русија си придоби клучен сојузник за само пет милијарди евра, без воопшто да има обврска да го реструктурира грчкиот биланс на состојба ако Грција излезеше од еврозоната и ако се приклучеше кон Евроазиската економска унија. Тоа значи дека сите идни обиди на ЕУ да ѝ наметнат нови санкции на Русија ќе бидат залудни благодарение на грчкото вето.
Иронично е што токму германскиот министер за финансии, Волфганг Шојбле, рече дека Грците можат слободно да си се договараат со Русија и со Кина во обид да го избегнат банкротот што им се заканува. Се чини дека Грците го направија токму тоа што Германецот им го предложи, ама резултатот сигурно нема да ѝ биде по ќеф на Германија. И токму затоа ЕУ сега го возвраќа ударот.
Извор: „Зиро хеџ“
Превод: Марија Манасиева
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Расистички скандал во Грција: Коментатор нарече црномурест играч „мајмун“
-
Нова демократија: Владата се наоѓа во распаѓање поради Договорот од Преспа
-
Ројтерс: Ципрас обезбеди доволен број гласови за ратификација Преспанскиот договор и без Каменос
-
Воружен инцидент на границата со Грција: Војници на АРМ отвориле оган во обид да спречат поголема група мигранти да влезат на македонска територија!