Политичката ситуација во Македонија, особено тоа што се случува во медиумскиот простор е резултат на деструктивната опозициска идеологија и сценарио напишано во аферата „Надеж“, анализира новинарот Цветин Чилиманов во интервјуто за Прес24, по серијата инциденти во кои беа нападнати новинари.
-Аферата Надеж, која недвосмислено покажа дека дел од стратегијата на СДСМ е да ги милитаризира медиумите, да ги користи како војници во пресметка меѓу партиите. Опозицијата нема никаков легитимитет да се прави наивна и невина и да вели дека некој друг ја зоврива политичката атмосфера, подгрева раздор и ги доведува во опасност лицата кои се видени како јавни поддржувачи на едната или другата опција, меѓу кои се и новинарите. Јасно е од која страна се потпалуваат тензиите, а од која страна се прават максимални напори за воздржаност- вели Чилиманов по посочувањата дека Власта е таа која креира клима за нетрпеливост во новинарството. Чилиманов вели дека опозициските политичари наместо наместо осуда, тие им даваат легитимитет на напаѓачите на новинарите.
-Неколку дена по нападот врз Антонио Димитриевски, градоначалникот Андреј Жерновски го покани напаѓачот Никола Науомски да застане до него на подиум и да даде изјава по неуспешниот референдум во Центар, иако претходно овој истиот вербално нападна и новинар токму на прес конференција на Жерновски. Значи, не само што не го осуди, туку и го истакна пред новинарите како свој сојузник- вели Чилиманов. Сликата за тоа каква е состојбата во медиумскиот простор во Македонија, според Чилиманов е креирана од лица поддржувачи на опозициската агенда, односно е нереална слика.
-Јас сум многу скептичен за извештаите за слобода на медиумите, бидејќи знам дека не се резултат на емпириски истражувања, туку на анкети на впечатокот на новинарите дали се под притисок. Имавме реално еден новинар кој беше уапсен, осуден, но и тоа поради сериозно кривично дело за кое јас не сум стручен да тврдам, но сметам дека има индиции дека навистина било сторено. Значи, освен тој еден случај, се друго се сведува на проблеми со газдите на медиумите, кои постоеа отсекогаш, политички врски на овие газди, кои исто така постоеа отсекогаш, тужби за клевета, самоцензура, што исто така се стари појави. И секако, го имаме проблемот што овие оценки ги даваат новинари кои имаат директен интерес оценката да биде лоша, а оценките ги собира и извештаите ги пишува НВО на Сорос. Ако кажеме дека нивото денес е ниско, добро, ама немаме никакво право да зборуваме за тоа дека било добро, а потоа одненадеж се случил пад, бидејќи немаме објективна референтна точка за претходните извештаи.
Чилиманов посочува дека затоа е потребно во момент кога ќе се смени власта во земјата, односно кога СДСМ ќе дојде на власт, не може извештаите повторно да ги пишува НВО водено од Сорос, туку тогаш опозицијата да одбере кој ќе ги пишува извештаите за слобода на медиумите.
-Инаку, штом миленичињата на Сорос ќе дојдат на власт, ќе ни се случи повторно некритички скок за 100 места на ранг листата- вели Чилиманов во интервјуто за Прес24.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.