| четврток, 6 декември 2018 |

Обама ја потврди одлучноста на САД да ја бранат јапонската територија

obama

Американскиот претседател Барак Обама на средбата со јапонскиот премиер Шинѕо Абе во Белата куќа ја обвини Кина дека со заплашување се обидува да ги оствари своите поморски претензии на сметка на нејзините соседи.

Обама ја потврди одлучноста на САД да ја бранат јапонската територија, вклучувајќи ги и малите острови Сенкаку во Источното Кинеско Море, кои се предмет на спор меѓу Токио и Пекинг.

На вчерашната заедничка прес-конференција Обама истакна дека американско-јапонскиот сојуз не треба да се сфати како провокација кон Кина, но додаде дека исто така сака да ги смири јапонските сомнежи во врска со тоа дали Вашингтон би застанал до Токио во случај на евентуална конфронтација со Пекинг.

– Сакам да повторам дека нашата договорна посветеност во однос на јапонската безбедност е апсолутна – нагласи американскиот претседател.

Обама и Абе меѓудругото се состанаа за да ги парафираат новите насоки на одбранбената соработка, според кои Јапонија би презела поголема одговорност за сопствената безбедност, како и за регионалната одбрана.

На економски план Обама и Абе на средбата се договорија дека двете нации ќе се ангажираат за брзо и успешно завршување на преговорите за трговската спогодба меѓу 12-те пацифички земји, која е позната како Транс-пацифичко партнерство.

– Премиерот Абе, како и јас, сме длабоко посветени на тоа ова да се заврши и сигурен сум дека тоа ќе го сториме – нагласи Обама, кој го окарактеризира американско-јапонското партнерство како неуништливо.

Засега меѓутоа преговорите меѓу САД и Јапонија за конечните услови на билатералната трговска спогодба, која е клучна за каков било поширок договор, не вродија со плод. Спорни прашања во преговорите се секторите на автомобилската индустрија и земјоделството.

Говорејќи за трговските бариери во однос на увозот на автомоболи, што е едно од главните спорни прашања во американско-јапонските трговски преговори, Обама изјави: „ Има многи јапонски автомобили во САД, сакам да видам повеќе американски автомобили во Јапонија“.

Абе изјави дека со нетрпение го очекува склучувањето на Транс-пацифичката спогодба за партнерство и додаде дека го поздравува постигнатиот напредок во однос на проблемите со трговските бариери.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top