СДСМ повторно ги стави новинарите на тапет и ја загрозува слободата на медиумите. Во најновиот скандал во кој се најде СДСМ во врска со медиумите, партијата веројатно по грешка до медиумите преку електронската пошта од која вообичаено испраќа соопштенија, покани и реакции, испрати „Press clipping“ од вестите.
Во испратениот документ до медиумите, СДСМ издвоила доминантни теми кои имаат интерес кај јавноста, па може да се забележи дека меѓу нив се темите кои се однесуваат на проектот кој го започна Владата „Македонија вработува“, можноста придонесите да се плаќаат 24 месеци, како и темата дека референдумот на општина Центар ја порази деструктивната политика на опозицијата.
Скандалозно е што СДСМ води евиденција за тоа кој новинар каков прилог изработил, ги селектира и евидентира истите. Во евиденцијата најверојатно по грешка испратена до медиумите, СДСМ забележува дека со Илија Димовски за конгресот на ВМРО-ДПМНЕ кој ќе се одржи викендов разговарала Елизабета Галевска од Канал 5. Опозициската партија евидентирала дека со министерот за финансии Зоран Ставрески разговарала новинарката Љупка Камчева, како и дека прилогот за неуспехот на референдумот во Центар го правел новинарот на Сител, Александар Спасовски.
Во евиденцијата на СДСМ, влегол и новинарот Љупчо Златев од Сител кој вчера имал прилог за лошите резултати на опозицијата. Покрај новинарите на Канал 5 и Сител, во „тефтерот“ за медиумите на СДСМ се наоѓаат и новинарите на Алфа, Градимир Марковски, Бојана Димитријевска и други новинари.
Ваквиот однос на СДСМ со евиденции на новинари е само продолжение на традицијата која партијата ја има во однос на некоректно однесување при што врши притисоци и бележење на новинари.
Медиумите пред извесно време пишуваа дека поранешниот уредник на телевизијата 24 Вести, Гоце Михајловски се најде на тапет само поради вршење на својата работа, поставување новинарски прашања кон лидерот на СДСМ. Исто така поради интервју на Заев кое не им се допадна на СДСМ, во немилост се најде и новинарот Боби Христов, а во слична ситуација зачинета со јавни закани беше и новинарката на 24 Вести Душица Мрѓа.
Се очекува Здружението на новинари да излезе со реакција во врска со последниот скандал со евиденција на новинари од страна на СДСМ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.