Заменик – претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања Фатмир Бесими престојува во еднодневна посета на Германија.
Како што соопшти Секретаријатот за европски прашања, Бесими се сретнал со државниот секретар во Министерството за надворешни работи Маркус Едерер и со висок претставник на кабинетот на канцеларката Ангела Меркел, заменик генералниот директор во Генералниот директорат за европска политика, Франц Нејдер, како и со специјалниот претставник за Југоисточна Европа Ернст Рајхел.
Вицепремиерот Бесими и државниот секретар Едерер ги поздравиле добрите билатерални односи меѓу Република Македонија и Сојузна Република Германија и изразиле целосна посветеност кон нивно натамошно продлабочување на секое ниво од заемен интерес.
Соговорниците, како што се наведува во соопштението, се осврнале на последните заклучоци на Советот на ЕУ за Македонија, повторувајќи ја загриженоста за актуелните политички случувања во Македонија и потенцирајќи ја потребата од изнаоѓање на брзо оддржливо политичко, правно и институционално решение, почитувајќи ги принципите на владеењето на правото и правните механизми на располагање, вклучително и утврдување на одговорноста. Тие исто така ја истакнаа германската поддршка на политичките преговори кои што се одвиваат со поддршка на претставници на европскиот парламент.
Тема на состанокот беа и меѓуетничките односи и безбедносната состојба во земјата со акцент дека Европската Унија е заинтересирана за стабилен регион.
Соговорниците, исто така, се осврнаа и на резултатите од последниот состанок на премиерите на земјите од Западен Балкан во Брисел, на кој е утврдена главната транспортна инфраструктурна мрежа како основа за подобрување на поврзаноста помеѓу земјите на Западен Балкан и како предуслов за привлекување на странски инврститори и забрзан економски развој.
Република Македонија, како што се посочува, останува целосно посветена на продлабочување на регионалната соработка и максимално активно ќе учествува во овој значаен процес.
Вицепремиерот Бесими истакнал дека реформскиот процес и евроатланската интеграција на земјата е темелна заложба на Владата на Република Македонија, нагласувајќи дека и покрај предизвиците со кои се соочуваме во моментот посветеното работење за унапредување на стандардите во секоја општествена сфера и унапредување на можностите за сите граѓани продолжува со истиот интензитет.
Бесими се зблагодарил за директната поддршка која Македонија и СЕП ја добиваат од Германија како многу важен стратешки партнер, преку канцелариите на Германското друштво за меѓународна соработка-ГИЗ како и преку ИПА твининг проектот, конзорциум од три земји каде Германија е главен партнер, во соработка со Полска и Хрватска.
Двете страни ја истакнале важноста и потребата од надминување на предизвиците со кои се соочува државата на внатрешен и надворешен план со цел што поскоро зачленување на Република Македонија во Европската Унија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.