| четврток, 6 декември 2018 |

Бесплатно болничко лекување за пензионери

Сите корисници на старосна, семејна и инвалидска пензија во износ до 10.870 денари од 1 јануари имаат право на бесплатно болничко лекување, информира директорот на Фондот за здравствено осигурување Јован Грповски на денешната средба со Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија

indexОва право, како што истакна, ќе можат да го користат околу 120.000 пензионери што земаат потпросечна пензија, а партиципацијата за нивното болничко лекување ќе ја покрива Министерството за здравство. За таа намена од Буџетот на Република Македонија се одвоени 37 милиони денари.

– Одлуката е веќе објавена во „Службен весник“ и влезена во сила, а Министерството за здравство ги информира сите јавни здравствени установи и приватните што имаат склучено договор со Фондот за лимитот од 10.870 денари до кој важи услугата – изјави директорот на Фондот за здравствено осигурување Јован Грповски.

Претседателот на Сојузот на здруженија на пензионери Драги Аргировски рече дека пензионерите се презадоволни од новата мерка на Владата со која покрај бесплатното користење на јавниот градски превоз и можноста за бесплатна бањска рекреација им се овозможува бесплатно болничко лекување.

– Како здружение баравме од Владата да одобри бесплатно здравство за сите пензионери со повеќе од 65 години старост, но сметаме дека оваа мерка е многу подобра од бараната. Со оваа мерка се опфатени 120.000 пензионери, а доколку се усвоеше нашето барање бенефит ќе имаа само околу 30.000 пензионери – рече Аргировски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top