Женскиот ракометен клуб Вардар ќе има нова шанса во мај да атакува на титулата во Лигата на шампионите, а „црвено-црните“ треба да подготват победнички рецепт за непобедливите. И тоа најпрво против стариот познаник Будуќност, екипа што лани ги елиминираше во полуфиналето во трилер меч по продолженија.
Вардарки останаа покуси за два гола и загубија со 20-22 откако во регуларниот дел беше нерешено 16-16. Цврстата одбрана на Црногорките, често на раб на груба игра, беше клуч на успехот. Вардарки велат дека ја научиле лекцијата и ќе се спротивстават со оружјето на противникот во реприза од ланското полуфинале, овојпат на 9 мај, повторно во Будимпешта.
– Ја научивме лекцијата од лани и ќе се спротивставиме со истиот рецепт на Будуќност. Ако тие ја играат истата игра, и ние ќе одговориме со поцврста одбрана – вели Индира Кастратовиќ.
Во координација со трофејниот тренер Јан Питлик, Кастратовиќ ќе треба да најде вистински концепт за победа против непобедливите. Будуќност има импресивен биланс во ова издание на Лигата на шампионите од 11 победи и само едно реми. Играа и со Вардар во фазата по групи и еднаш победија, дома со 23-17, а во Скопје беше нерешено 24-24. Тоа е единственото реми на Будуќност во овој циклус од ЛШ. Другите се само победи и импресивни настапи. Црногорските шампионки го декласираа Виборг во четврт-финалето со вкупна позитива од 16 гола на двата меча. И секако се посилни од лани, а успеаја и да го сочуваат костурот. Ако на 9 мај падне Будуќност, за Вардар потоа, веројатно, ќе следува меч за титулата со Ларвик. Екипа што е апсолутен фаворит против Динамо Волгоград и е непоразена досега на 12 меча.
Црногорска марка со ракометно соѕвездие
Благодарение на Будуќност, женскиот ракомет во Црна Гора е вистински мит, спорт што има прекрасна традиција и огромен рејтинг во светот. Уште од времето на сестрите Мугоша, на Ганиќ и на Маја Булатовиќ, салата „Морача“ во Подгорица е центар на спортските збиднувања и успеси на црногорскиот спорт. Будуќност има една титула европски првак, вторпат ќе учествува на завршниот турнир, заедно со Вардар, според новиот формат на натпревари во Лигата на шампионите, а има и две титули од Купот на ЕХФ.
И што е најважно за ривалот на вардарки во полуфиналето во Будимпешта, тие осетно го засилија тимот во однос на ланската сезона. Од Ѓер пристигна женскиот ракометен бомбардер Катарина Булатовиќ, единствената ракометарка што ќе игра во Будимпешта, а има освоено три титули европски првак. Зад неа со два трофеи освоени со Виборг е пикерот на Вардар, Ања Алтхаус. Во строј кај Будуќност се врати и Милена Кнежевиќ, ракометарка која лани го пропушти полуфиналето со Вардар поради повреда. Во тимот од соништата од Подгорица останаа главните ѕвезди Неагу, која е прв стрелец во ова издание на ЛШ, Цвијиќ, Мехмедовиќ, Далби, Петровиќ, Волтеринг… Состав за респект и тим што има највисоки амбиции. Раководени од клупата од извонредниот стратег Драган Аџиќ, човек чијашто одлика е беспрекорната одбрана, нешто што е заштитен знак на Будуќност. Комбинаторната и атрактивна игра на Ганиќ, Булатовиќ и на Мугоша од осумдесеттите години на минатиот век е минато. Овој состав на Будуќност предводен од Аџиќ игра во стилот на италијанската фудбалска репрезентација. Најважно е да не се прими гол, па потоа на дневен ред доаѓа нападот. Пред фактите и боговите молчат, а податокот дека само Будуќност во фазата по групи прими помалку од 200 погодоци (точно 193) ја потврдува тезата за составот од Подгорица. Одбрана и само одбрана, така командува одличниот тренер Аџиќ, а на дело тоа беспрекорно го спроведуваат ракометарките на Будуќност.
Интересно е што стручниот штаб на Вардар ќе мора да се подготвува за ракометна драма во два чина со еден рецепт, ако се најдат во финалето и ако таму ги чека Ларвик. Норвежанките се апсолутни фаворитки против Динамо Волгоград и би било голема сензација ако не играат меч за титула. А, тие, според билансот, дури се и подобри од Будуќност. На 12 меча досега имаат максимален ефект. Никој не успеа ниту да ремизира против моќниот состав на Оле Густав Гјекштад, а Ларвик има еднакво добра одбрана како и Будуќност, со само 213 примени гола во фазата по групи.
Нема граница за Вардар по падот на европскиот првак Ѓер
Свои адути, и тоа силни, има и Вардар, особено по падот на актуелниот двоен европски првак Ѓер. Во два меча вардарки не само што ги елиминираа Унгарките, туку и потполно ги надиграа. А, традицијата вели дека последните две екипи што го исфрлиле од игра актуелниот шампион во ЛШ, потоа ја освојувале и титулата. Токму Ѓер во 2013 година двапати го победи тогашниот првак Будуќност во последната фаза по групи, а Црногорките една сезона претходно во полуфинален двомеч беа подобри од шампионот од 2011 година, Ларвик.
Патот до трофејот е исклучително тежок и Вардар, веројатно, ќе треба да се справи со двете досега непоразени екипи. Најпрво со Будуќност, а потоа и со Ларвик. Иако Динамо и „црвено-црните“ барем на хартија се аутсајдери, македонскиот првак има добра подлога за освојување на трофејот. Навреме во редовите на Вардар пристигна трофејниот тренер од Данска, Јан Питлик, човек што знае како се освојуваат вредни титули од големите ракометни настани. За краток период неговиот ефект во Вардар јасно се забележува, а нашиот првак осетно ја поправи играта во одбраната. Нешто што секогаш е клучно кога се атакува на трофеј во Лигата на шампионите. Иако Вардар е релативно нов ракометен проект во европски рамки, во составот има плејада од ракометарки со богато искуство. Алтхаус има два трофеи од ЛШ со Виборг, а со престижната титула се имаат закитено и Лекиќ и Радичевиќ во дресот на Ѓер. Голманките Лејно и Суслина се вистински бедем во одбранбениот ред на Вардар, а одлично се вклопија и засилувањата Пенезиќ и Лазовиќ. Вардарки имаат сѐ што е потребно за титулата и останува со добри игри во Будимпешта на 9 и на 10 мај да ја потврдат теоријата во практика.
– Искрено ми е жал што играме со Вардар во полуфиналето. Пред сѐ поради нашите репрезентативки што играат за македонскиот клуб. Очигледно е дека формата на Вардар е во нагорна линија и треба да ги заборавиме дуелите од фазата по групи. Ова е еден меч и сѐ се одлучува во 60 минути. Тука нема да вреди никаква фаворитска улога. Треба на терен да се потврди квалитетот и да се победи. Сетете се на Фленсбург од ланското издание на машкиот завршен турнир. На нив никој не сметаше во битката за титулата, а тие станаа европски прваци – вели тренерот на Будуќност, Драган Аџиќ.
Радичевиќ го има стариот трофеј, а се дружеше и со новиот
Јованка Радичевиќ ќе има многу мотиви за дуелот со Будуќност, а во Вардар се надеваат и потоа во мечот за титулата. Таа потекнува од ракометното училиште за екстра-квалитетни ракометарки што ги продуцира Будуќност. И веќе има еден трофеј од ЛШ, го освои стариот со Ѓер. Во Виена при ждрепката за полуфиналните двојки се дружеше и со новиот трофеј. ЕХФ одлучи да се изработи нов трофеј, што првпат ќе го добие шампионот на ова издание во елитното натпреварување. Симпатизерите на Вардар се надеваат дека тој ќе заврши во рацете на Јованка и во витрините на македонскиот ракометен шампион.
(Пишува: Зоран Поповски
Текст објавен во 137. број на неделникот „Република“, 17.04.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.