Денеска е 23 април, Светскиот ден на книгата, кој УНЕСКО го одбележува од 1995 година. Избран е бидејќи на тој датум во иста година (1616) починале двајца великани на светската литература – Вилијам Шекспир и Мигел де Сервантес.
– Во изминативе месеци сведоци сме на напади врз деца во училишта и палење на книгите на клада. Во таа смисла нашата порака е јасна: да ги засилиме напорите за промоција на книгата, перото, компјутерот, како и сите форми на читање и на пишување, борбата против неписменоста и сиромаштијата и да изградиме трајни општества и стабилни темели на мирот – истакнува Ирина Бокова, генерален директор на УНЕСКО, по повод Светскиот ден на книгата и авторското право.
Бокова нагласува дека УНЕСКО има улога на лидер во борбата против неписменоста зашто описменувањето, вели таа, е клучот на знаењето.
– Тоа е есенцијално за самодоверба и осамостојување. Книгите, во сите нивни форми, имаат фундаментална улога. Во светот има 175 милиони млади луѓе – поголемиот број се девојчиња и млади жени – кои не знаат ниту да читаат ниту да пишуваат, па затоа УНЕСКО се залага да ги мобилизира технолошките можности за информирање и комуникација, особено мобилните технологии, за да ја развива писменоста и за да овозможи квалитетно образование – вели Бокова во светската порака.
Во заложбите за промоција на читањето кај младите и маргинализираните групи, УНЕСКО соработува со Меѓународниот сојуз на издавачи, Меѓународното здружение на книжари и Меѓународното здружение на библиотеки и библиотекарски асоцијации. За таа цел Инчеон, Кореја, е избран за Светски град на книгата во 2015 година, како признание за нивната програма за развој на читањето кај младите и маргинализираните групи.
Македонската порака оваа година ја напиша писателот и академик Луан Старова, кој посочува дека и покрај метаморфозите предизвикани од дигиталната револуција, книгата не престанува да ги здружува луѓето, да ги урива границите во времето и просторот, да истрајува како светилник на надежта.
„За нас, на овие македонски простори, на кои се вкрстувале цивилизации и империи, книгата останала не само незаменлив монумент на меморијата туку и вектор на поврзувањето на вековите. И во оваа наша порака, не само за присет и слава на книгата, си дозволуваме и на повик за универзална мобилизација за продолжување на нејзината мисија. Свесни сме дека ниту еден друг воспитен и образовен инструмент, ниту телевизијата и другите медиуми, не можат да го заменат читањето на книгата“, пишува Старова во пораката.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.