| четврток, 6 декември 2018 |

Ирина Бокова од УНЕСКО и Митко Маџунков упатија порака по повод Светскиот ден на книгата

По повод Светскиот ден на книгата, пораки упатија Генералниот директор на УНЕСКО, Ирина Бокова, а македонската порака ја упати писателите академик Митко Маџунков.

-Треба да се охрабрат писателите и уметниците, за да има повеќе жени и мажи кои ќе имаат поголема полза од описменувањето и да се поддржи достапот до разните извори и носачи за читање, бидејќи книгите се најмоќните алатки што ни стојат на располагање за да се отстрани сиромаштијата и да се зајакне мирот, истакнува генералниот директор на УНЕСКО, Ирина Бокова, во порака упатена по повод 23 Април, Светски ден на книгата и авторското право.

– Историјата на пишаниот збор и историјата на човештвото се испреплетени и меѓусебно се надополнуваат. Можноста на книгите да влијаат врз личниот развој, како и во предизвикувањето на социјалните промени е иста. Таа е спој на интимното и на силното социјално значење, а како таква има потенцијал за најразлични форми на дијалог меѓу индивидуите, внатре во заедниците, а и меѓу историските епохи, посочува Бокова во пораката.

УНЕСКО, стои во пораката, ги повикува сите жени и мажи да се приклучат кон каузата на книги, како и кон сите тие кои ги пишуваат и ги издаваат.

– Овој ден е убава можност да ги славиме книгите, во кои е изразена човечката креативност и желбата за споделување на идеи и сознанија, но исто така е можност и за ширење на разбирањето и толеранцијата. Светот доживува голема експанзија во развојот, а книгите не се исклучок – се развиваат дигиталните медиуми, се преминува кон слободна размена на знаењата, итн. Тоа воведува дополнителни неизвесности, но во исто време значи и нова шанса која треба да се искористи: дојде време за примена на нови трговски искуства во издаваштвото, се вели во пораката.

Оваа трансформација, како што се наведува, сериозно ја доведува во прашање самата дефиниција на книгата и го поставува прашањето за статусот на авторот во ерата на дигитализацијата.

– УНЕСКО е на прагот на нови дебати за дематеријализација на книгите и на авторските права. Бранејќи го авторското право, но и слободниот пристап кон книгите, УНЕСКО е на страната на креативноста, разноликоста и на еднаквоста на пристапот до знаењето. Ние сме активни на сите нивоа: во Мрежата на креативни градови во категоријата книжевност, или пак, во промовирањето на описменувањето, на мобилното учење, како и на слободниот пристап до научните знаења и образовните ресурси, додава Бокова.

Академик Митко Маџунков, по повод Светскиот ден на книгата и авторското право во порака наведува дека прашањето за местото на книгата во денешниот свет, врзано и за авторските права, отвора многу важни теми.

– Едната од нив е соодносот меѓу печатените книги и електронските изданија. Тој е сличен на односот помеѓу ракописот како културен артефакт, во споредба со книгата, на почетокот на печатарската ера. Но времето на печатените книги не е поминато, ниту сета иднина им припаѓа на електронските изданија. Тоа особено важи за оние средини, каква што е и македонската, што ја прескокнале златната доба на печатарството и така останале без доволно пишани споменици, истакнува Маџунков во пораката.

Според него, другата важна тема се авторските права, што е во непосредна врска со слободниот пристап на Интернет, инаку толку важен за малите народи и за јазиците со мала распространетост, како и за сиромашните земји и за земјите во развој.

– Таму каде што недостасува земната храна, не треба да се загорчува и духовната храна. Авторските права, се разбира, треба да се почитуваат, но треба да се почитува и правото на пасионираните читатели, чија потрага по нови книги во една слободна духовна татковина игра важна, речиси пионерска улога, додава Маџунков.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top