| четврток, 6 декември 2018 |

Компаниите имаат идеи, проблем е нивната реализација

иновација

Повеќе од две третини од македонските компании вовеле нови или подобрени производи и услуги или услуги во периодот од 2010 до 2013 година, кои во најголем дел ги развиле со внатрешни ресурси, а многу ретко со помош од надвор, најчесто од компании со кои соработуваат, а ретко од истражувачки институти и универзитети. Од нив 31,4 отсто ги спровеле во нови или значително подобрени процеси на поризводство, а 13,7 отсто не направиле никаква интервенција во своите оперативни процеси.

Ова го покажуваат резултатите од истражувањето на Кнолиџ Центар од Скопје спроведено во периодот од декември лани до февруари годинава во 98 компании, како дел од проектот Aim@Innovations, поддржан од Централната европска иницијатива (ЦЕИ) преку повикот КЕП Австрија 2014 и Австриската агенција за развој. Проектот има за цел да овозможи трансфер на знаења и да ги зајакне националните капацитети за обезбедување поддршка и обуки од областа на управување со иновации за мали и средни компании и да понуди помош на старт-ап и спин-оф организациите во Македонија.

– Заклучок е дека компаниите во Македонија имаат идеи, но главниот проблем е во нивната комерцијализација. Тие немаат сознание за своите капацитети за иновации и не умеат да ги капитализираат постоечките ресурси, платформи и знаења. Вториот проблем е недостатокот на финасии или поточно недоволната информираност за ресурсите кои им се нудат – рече основачот и директор на Кнолиџ Центар, Андријана Богдановска Ѓуровиќ на денешната прес-конференција.

Таа појасни дека македонските компании и покрај тоа што инвестираат и почнуваат нови проекти не ги комерцијализираат иновациите и речиси две третини од нивните приходи доаѓаат од старите и посотоечките проекти, само мал дел од околу 13 проценти доаѓаат од производи и услуги кои се нови за компанијата, а околу 20 проценти од производи кои се нови на пазарот.

– Најмногу се инвестира во подобрување на процесите за производство, купување на опрема, софтвер или друг тип на капитална инвестиција, а потоа следат обуките на вработените. Тоа покажува дека во македонските компании се случува трансфер на технологии што е доминантниот начин на кој  во овој момент се случуваат иновациите на македонскиот пазар – рече Богдановска Ѓуровиќ.

Македонските компании, како што истакна, просечно на годишно ниво трошат околу 750.000 денари за купување на опрема.

– Најголемиот број на извори на информации кај компаниите доаѓаат од пазарот и оттаму најмногу учат за иновациите за новите производи, потоа следат нивните добавувачи и конкуренти. Ефектите на иновацииите најмногу ги почувствувале во делот на зголемувањето на нивните капацитети за производство, флексибилноста на производството и квалитетот на производите – рече Богдановска Ѓуровиќ.

Од испитуваните компании 52 отсто, посочи, напуштиле одредени иновативни проекти заради несигурноста на пазарите, силната конкуренција, тешкото пронаоѓање партнери за соработка, и најмногу заради високите трошоци за иновацијата и недостатокот на финансии.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top