| четврток, 6 декември 2018 |

Слатко порто за разиграниот Баерн и рутинска победа на Барселона

Слатко порто испија играчите на Баерн Минхен вечерва на „Алијанц арена“ во извонредна фудбалска претстава и канонада од голови со која Баварците го прославија новото полуфинале во Лигата на шампионите. Баерн го декласира португалскиот првак Порто со 6-1 во реваншот, а приказната во два чина беше завршена по првите 45 минути во реваншот.

Со феноменална игра германскиот шампион по првиот дел имаше предност од 5-0, со што лесно ја анулира негативата од првиот меч од 1-3, а до крајот на мечот двете екипи постигнаа по еден гол, за конечни 6-1.

Во Барселона домашната екипа со нова победа од два гола разлика против Пари Сен Жермен само стави печат на полуфиналната виза во ЛШ. Нејмар на двапати беше прецизен во првото полувреме, за победа од 2-0 и вкупен резултат од 5-1.

Многу неизвесност се очекуваше во Минхен, но таквото сценарио го спречија играчите на Баерн.

Тијаго Алкантара, Боатенг, Левандовски на двапати и Милер со погодоци до 40. минута ги разбија илузиите на гостите од Португалија за пласман во завршницата. Порто намали на 1-5 со погодокот на Џексон Мартинез, но повторно Милер со уште еден гол стави точка на блескавата партија од модерен фудбал на Баварците.

Утре се двата последни реванш четвртфинални натпревари меѓу Реал Мадрид и Атлетико (0-0 на првиот меч) и меѓу Монако и Јувентус (0-1).

baern

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top