Во организација на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ), Република Македонија го претстави својот туристички потенцијал на интернационалниот Саем за туризам во Москва, Русија.
Македонија и на дванаесеттиот по ред саем за оваа година се претстави со модерни промотивни материјали, на нов изложбен простор кој оддалеку го привлекува вниманието на посетителот.
Амбасадорот на Република Македонија во Москва, Илија Исајловски, истакна дека учеството на Македонија на меѓународниот Саем за туризам во Москва, кој е една од најголемите и најреномирани манифестации од овој вид во источна Европа, несомено е од исклучително значење во насока на материјализација на напорите и заложбите за поширока промоција на македонските туристички потенцијали на рускиот пазар и претставување на можностите на Македонија пред руската туристичка јавност.
– На годинешниот саем претставници од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, како и на Асоцијацијата на хотелиери, ресторани и кафетерии ХОТАМ, кои, со поддршка на амбасадата, остварија средби со заменик-директорот на Федералната агенција за туризам на Русија, Дмитриј Амунц, со директорот на Асоцијацијата на тур-оператори на Руската Федерација, Маја Ломидзе, како и со бројни претставници на руски тур-оператори, при што беа разгледани можностите за воспоставување конкретна соработка во организирањето туристички аранжмани за руски туристи. Како еден од конкретните заклучоци од средбите на нашите и руските претставници (Федералната агенција за туризам и Асоцијацијата на туристичките оператори на Русија), од двете страни беше изразена готовност за скорешно организирање на т.н „тура за запознавање“ на група на заинтересирани руски тур-оператори во Македонија, што би претставувало добра можност за подетално и поблиско запознавање со конкретните можности, потенцијали и компаративни предности со кои располага Македонија, каде постојат конкретни можности за привлекување на интересот на руските туристи. Ова особено се однесува на делот на рекреативниот, духовниот, бањскиот, планинскиот и руралниот туризам. Искрено се надевам дека во идниот период ќе продолжат засилените активности и меѓусебната блиска комуникација и координацијата меѓу надлежните инситуции во Македонија, Агенцијата за поддршка на туризмот, како и Амбасадата со руските партнери, во насока на напорите за поголема промоција на македонскиот туризам во Русија, а со цел постигнување на конкретни цели и резултати во смисла на привлекување на поголем број на руски туристи во Македонија, за што несомено постојат сите потребни предуслови, изјави амбасадорот на Република Македонија во Москва, Илија Исајловски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.