Денеска (21 април) со симултана проекција во пет балкански градови на израелско-американскиот документарен филм „Зависник од интернет“ (Web Junkie) почнува „Докувизија“.
„Докувизија“ е партнерски проект на Балканската документарна дистрибутивна мрежа (БДДМ), во која членува и фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“.
Скопската проекцијата е закажана во Џебното кино во МКЦ, во 20 часот, а во исто време ќе се одржат проекции и во Призрен, Белград, Загреб и во Подгорица.
Секој месец еден од овие градови ќе биде домаќин на авторите на прикажаниот филм или на експерти за конкретната филмска проблематика, и ќе организира дискусии со публиката. Притоа, дискусиите ќе бидат пренесувани во живо со што ќе ѝ се овозможи учество на публиката од сите пет градови.
Темата на првата дискусија во рамки на „Докувизија“ е зависноста од интернетот, а град-домаќин е Подгорица.
Дојдете на филм и останете на муабет со социологот Анита Ќудина од Сплит, инаку авторка на истражувачки проект за зависноста на децата од Интернетот, и Радоје Церовиќ од Подгорица, психолог и комуниколог. Зависноста од интернетот не е проблем само во Кина.
Во синопсисот на филмот се вели дека Кина е првата земја во светот која ја прогласи „зависноста од интернет“ за клиничко нарушување. Со цел да се справат со она што наликува на најголемата општествена криза на денешницата, кинеските власти отвораат установи за детоксикација и лекување на зависноста на тинејџерите од водењето на живот онлајн.
Преку неконвенционалните психолошки сесии, каде што момчињата постепено споделуваат зошто се чувствуваат поповрзани со разните гласови во сајбер-просторот отколку со семејството, филмот нуди искрен, промислен и непријатен портрет на општество во движење и на младина изгубена во технологијата, на работ на бездната отаде непознатата иднина. Филмот ни го прикажува современиот кинески живот во мало, посматрајќи ги меѓугенерацискиот притисок и симптомите на таканареченото „доба на интернетот“.
„Докувизија“ е поддржан од Фондот за уметност и култура за Балканот (Balkans Arts & Culture Fund).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Специјална проекција на филмот „На мапата“ посветен на Тал Броди, кошаркар на „Макаби“
-
Погледнете како се пишува добар роман во „Работилница“
-
По пауза од 13 години синоќа во Македонска Каменица имаше проекција: „Исцелител“ привлече бројна публика
-
“Недовршена симфонија/Регионална детска филхармонија” филм на авторката Оливера Милош Тодоровиќ


