Торонто и Вашингтон ноќеска ќе го играат вториот плејоф-дуел од првата рунда во Источната конференција, а ривалитетот е голем и меѓу двата тима има некаква чудна врска. Првиот меч го добија гостите од главниот град на САД, по едно продолжение, а токму тука лежи магијата на нивните меѓусебни средби.
Дури три од последните пет натпревари на Репторс и на Визардс во регуларниот дел завршија нерешено, што е феномен за кошарката, каде што е реткост егал резултат во регуларниот дел.
Во февруари лани по две продолженија Вашингтон победи на гости со 134-129, една година подоцна повторно беше нерешено, овојпат на меч во Вашингтон и пак славеше гостинската екипа откако Торонто направи 4 поени позитива, 120-116 по 5 минути дополнителна игра.
Со многу возбудувања, пресврти и одново со решение по дополнително време почна и серијата од овој плејоф во првата рунда и во првиот меч. И пак како по обичај славеше гостинската екипа. Овојпат тоа беа Визардс, екипа што беше подобра и победи со 93-86 откако во регуларниот дел беше 82-82.
Ќе има ли нов маратонски меч во Торонто ноќеска во вториот дуел од првата плејоф рунда во НБА-лигата ќе се знае по два часот по македонско време, кога почнува новата пресметка меѓу двата тима, специјалисти за продолженија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.