В понеделник, 20 април, се отвора книжевниот центар „Антолог“ на истоимената издавачка куќа. Ова е прв јавен простор во 16-годишното постоење на „Антолог“. Книжевниот центар е замислен како изложбено-продажен салон во кој, освен книгите на „Антолог“, посетителите ќе може да присуствуваат и на различни настани од областа на културата и уметноста.
Во чест на отворањето, „Антолог“, во првите три дена, од 20 до 22 април ќе понуди попуст од 20 до 50 отсто на сите изданија, а првите сто купувачи ќе добијат и подарок.
Меѓу другото, во текот на овие денови свои книги ќе потпишуваат писателите за деца и возрасни од повеќе генерации: Велко Неделковски, Александар Кујунџиски, Наум Попески, Сузана В. Спасовска, Душко Крстевски, Анета Попова, Ѓоко Здравески, Исток Улчар, Сузи Тенева, Гаврило Миловановиќ, Ацо Гогов, Сотир Ристо, Димитри Соле Љубин, Андреј Ал-Асади, Стефан Велковски, Живко Грозданоски, Борис Митковски и други, а преведувачките ќе го споделат своето лично искуство за книгите што ги преведувале.
– Можеби се прашувате од каде идејата да отвориме книжевен центар, кој не е во строгиот центар на градот? Ако размислите, ќе заклучите дека токму најважните нешта во животот – мудроста, карактерот, љубовта, вистинскиот пријател, ретко ни биле на дофат на раката. Тоа е и нашата философија. Како кога на драгите луѓе им велите „За тебе би отишол до крајот на светот!“ – вели Жарко Кујунџиски, главен и одговорен уредник на оваа издавачка куќа.
„Антолог – Скопје“ е издавачка куќа првпат основана на 7 јули 1999 година, од страна на македонскиот писател Александар Кујунџиски. Овој датум истовремено e формален почеток на една дамнешна бизнис-идеја, но и продолжение на една долга и разновидна уметничка традиција. Сè до 1903-тата година во семејното стебло на Кујунџиски се впишани неколку генерации златари-кујунџии, чии филигрански ракоделија денес се втопени во морето на креативниот гениј на македонскиот народ. Хуморот, сликарството, актерството, уметничката фотографија, исто така, се дел од меморијата и оставината на Кујунџиски. Но, Зборот е оној кој отсекогаш бил наша првична и основна инспирација. Зборот преточен во книжевност.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
„Антолог“ ја најави добитничката на наградата „BookStar“ 2018 : Во Скопје доаѓа Славенка Дракулиќ
-
„Антолог“ објави две обновени лектирни изданија од Александар Кујунџиски
-
„Бележникот на татко ми“ од најтиражниот писател од Холандија – Кадер Абдолах
-
„Антолог“ го објави романот „Просечен индекс на среќата“ која ја доби Наградата за литература на ЕУ за 2015