Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека неговата земја треба да ги искористи санкциите како шанса бидејќи Западот нема набрзо да ги укине.
Како што рече во „Директна линија“, традиционалниот разговор со руската јавност, на Русија ќе ѝ бидат потребни околу две години, а можеби и помалку за целосно да ја заживее својата економија.
– Рубљата се зајакнува, пазарот расте, имаме доволно ресурси, што покажува дека сме на добар пат. Санкциите имаат позитивна страна бидејќи нѐ натераа да спроведеме реформи за кои претходно веројатно сме се двоумеле – рече Путин.
Рускиот претседател истакна дека потезите по воведувањето на санкциите доведоа до значајни резултати, пред сѐ, во земјоделството и контролата на прехранбените производи.
– Најсилниот удар го издржавме – потенцира Путин.
Ситуацијата е нешто поинаква кога станува збор за стопанствениците на кои Путин им порача дека мора да се снаоѓаат во актуелната ситуација.
– Не би требало да се очекува дека санкциите наскоро ќе бидат укинати. Тие се дел од широката стратегија на другите нации да го запрат економскиот раст на Русија. Укрианската криза е повеќе изговор отколку причина за нивното воведување – рече шефот на руската држава.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.