| четврток, 6 декември 2018 |

Јанкулоска: Заев е просечен политичар, алатка за нарушување на мирот на граѓаните на РМ

1653540_10152512551496682_4015350743630996395_n

ВМРО-ДПМНЕ вечерва во Свети Николе одржа средба со граѓаните во Домот на културата, на која за реализаираните проекти, но и за проектите чија реализација е во тек говореа вицепремиерот Владимир Пешевски, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, заменик министерот за образование Спиро Ристовски и директорот на Фондот за здравствено осигурување Сашо Стефановски.

Вицепремиерот Пешевски се осврна на реализираните инфраструктурни проекти, но и на мерките кои во текот на изминатите години придонесоа да се намали стапката на невработеност и да се создадат нови работни места преку инвестиции како од домашните, така и од странските инвеститори.

Создадовме над 170 илјади нови работни места. Ние знаеме дека не е решен проблемот со вработувањето и со висината на платите на нашите граѓани, но работиме да се создадат подобри услови и подобра егзистенција, рече Пешевски.

Потсети дека се изградени и реконструирани регионални и локални патишта, дека се обновени двата аеродрома и дека аеродромот во Петровец е прогласен за најдобар аеродром за два милиони патници. Тој истакна дека ќе продолжи проектот за изградба на автопатиштата.

Од опозицијата сакаат да го омаловажат овој проект, но експертите велат дека токму за овој проект за изградба на автопатиштата ние имаме добиено најдобри услови со тоа што успеавме да ги вклучиме и домашните компании во нивната изградба, а цената е најниска која ја имаме во споредба со изградбата на други автопатишта во регионот, нагласи вицепремиерот Пешевски.

Пред граѓаните тој се осврна и на телефонските разговори кои ги пласира опозицијата.

Немојте да имате загриженост за безбедноста на државата без разлика што опозицијата прави. Концептот кој го нуди СДСМ досега не го видов. Во нивните политички програми од 2006 година па наваму на сите избори не видов проекти за подобрување на стандардиот на граѓаните. Она што сега се нуди е како всушност како тие ја гледаат државата. Значи тие нудат проект со кој соработуваат со странски служби, проект со кој влегуваат во приватноста на разговорите на илјадници граѓани, а тоа е проект кој е базиран на нелегално стекнати материјали, рече Пешевски.

Гледајќи како тоне Зоран Заев да не дозволиме и Македонија да ја повлече кон дното, порача министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на вечерашната трибина во Свети Николе.

Човек кога зборува за реалните проблеми не може а да не се осврне на нешто што се случува во последните неколку недели во Македонија, односно неколку месеци станаа, а тоа е виртуелниот свет кој опозицијата се обидува да го создаде со незаконски прибавени материјали кои ги комбинира, монтира и одлучува што ќе пушти и на кој начин да го презентира тоа што ним ќе им одговара, рече Јанкулоска.

Зоран Заев, како што додаде, е тој што одлучува кој дел под приватниот живот на илјадници луѓе за кои тврди дека имаат прислушувани разговори ќе го пушти и каква конотација ќе даде за било кој сегмент од постоечките монтирани разговори.

Меѓутоа македонскиот народ е доволно мудар и паметен и не треба Зоран Заев да ни каже како работи Владата, локалните самоуправи и зошто вие сте застанале зад мнозинството на кое му верувате. Ние за жал се најдовме во една ситуација во која еден просечен политичар се обидува да го диктира темпото на политичката сцена во Македонија, притоа не е свесен дека како инструмент на странски служби всушност е само алатка која се користи за нарушување на мирот на граѓаните на Републиката, нагласи Јанкулоска.

Таа додаде дека токму на Зоран Заев очигледно не му се допаѓаат проектите, но и работата на МВР од кое се задоволни многу граѓани. Јанкулоска смета дека Зоран Заев не може да биде патриот затоа што работи за странски служби и открива доверливи податоци и не случајно според неа, опозицијата бира во центарот на објавените разговори да бидат безбедносните служби и економијата, со што би се нарушила стабилноста и кредибилитетот на државата.

Заменик министерот за образование Ристевски се осврна на проектите кои во текот на минатите години се реализирани во образованието. Тој истакна дека во Свети Николе се реконструирани вкупно шест училишта и дека седмото во село Ерџелија ќе се реконструира во наредните месеци.

Директорот на ФЗОМ Стефановски потсети дека половина милион евра се инвестирани во Здравствениот дом во Свети Николе за реконструкција на објектот, за опрема, како и за дополнувањена медициснкиот кадар. 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top