| четврток, 6 декември 2018 |

Магистерската на актерот Јордан Симонов „Тероризам“ ќе има премиера во МНТ

Автори на текстот „Тероризам“ се браќата Олег и Владимир Пресњаков, а во претставата играат: Гораст Цветковски, Славиша Кајевски, Никола Ацески, Николина Кујача, Сашко Коцев, Звездана Ангеловска, Марија Новак, Александар Микиќ, Кире Ѓоревски, Александар Михајловски, Александар Ѓорѓиески, Борче Начев и Драгана Левенска

terorizam2

Актерот на Македонскиот народен театар (МНТ) Јордан Симонов в четврток, на малата сцена на националниот театар ќе дебитира како режисер на претставата „Терорзам“ (20 часот). Ова е магистерски труд на Симонов, кој ги заврши постидипломските студии по театарска режија на Факултетот за драмски уметности (ФДУ) во класата на Слободан Унковски. По премиерата, тричлена комисија ќе го оценува трудот на Симонов, кој потоа на одбраната на магистериумот треба да елаборира на темата „Свесни и несвесни механизми на тероризмот во претставата „Тероризам“.

– Додека ја подготувавме претставата ни се родија три деца. Тоа можеби ќе значи дека претставата ќе биде плодна – се пошегува Симонов.

joco simonov

Јордан Симонов (во средина) е најмногу благодарен за актерската екипа која учестуваше во претставата

Автори на текстот „Тероризам“ се браќата Олег и Владимир Пресњаков, а во претставата играат: Гораст Цветковски, Славиша Кајевски, Никола Ацески, Николина Кујача, Сашко Коцев, Звездана Ангеловска, Марија Новак, Александар Микиќ, Кире Ѓоревски, Александар Михајловски, Александар Ѓорѓиески, Борче Начев и Драгана Левенска.

Извршен продуцент е Виктор Рубен, сценограф и костимограф е Илина Ангеловска, а музиката е на Горан Трајковски.

– Од 16 април Симонов нема да биде само актер, туку ќе биде и режисер. Оваа претстава е проект на МНТ, не е финансирана од Министерството за култура. Се надевам дека долго ќе се задржи на сцената – рече директорот на театарот Дејан Лилиќ.

Симнов рече дека ова е претстава од актери за актери.

tgerorizam1

– Далеку од тоа дека ќе се чувстувам како режисер. Не сум ни прв, ни последен актер што режира. Оваа претстава е завршен испит на постдипломските студии. Го одобрав овој текст бидејќи би сакал почесто да ги има на репертоарот делата на браќата Пресњаков. Овој текст е досега само еднаш поставен во Македонија, тоа го стори велешкиот театар во 2005 година. Текстот е поставен во преку 15 града во светот, меѓу кои Лондон, Њујорк, Даблин, Талин – вели Симонов.

Драмите на брраќата Пресњаков се многу популарни, а огромна популарност тие постигнуваат со драмата „Тероризам“ напишана во 2000 година, пред да се случат драматичните терористички напади кои ги одбележаа почетокот на овој век. Сепак, оваа драма ги отвора прашањата за влијанието на глобалниот тероризам на микрониво – дали терористот се крие во секој од нас, обичните луѓе. Многу е тешко да се одвојат жртвите од криминалците, невините од виновните, сите се вмешани и никој не е без вина.

– Драмата се занимава со прашањата дали тероризмот е наша антрополошка зададеност, односно дали во секој од нас свесно или несвесно лежи терорист. Ова е претстава за обични луѓе ставени во ситуации кога се врши притисок врз нив – вели Симонов.

terorizam

Драмата е фрагментирано напишана, во пет навидум неповрзани приказни и во себе носи една непредвиддливост и динамичност карактеристична за делата на руската апсурдна комедија од почетокот на минатиот век.

– Многу сум благодарен на актерите. Кај секого од нив почувстував желба за помош – вели Симонов.

Актерот Сашко Коцев вели дека текстот бил љубов на прв поглед.

– Со Симонов се познаваме уште пред студиите на ФДУ, од времето на аматерскиот театар. Ние сме генерација од факултет и се надевам дека нема да заврши нашата соработка. Тој е актер и знаеше што да бара од нас актерите во претставата. Мислам дека создаде претстава со 13 брилијантни ликови – изјави актерот Александар Микиќ.

Првата реприза на „Тероризам“ е в петок, 20 часот на малата сцена на МНТ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top