Претставата „Буре барут“, на режисерката Ана Батева, а во изведба на бугарскиот театар „Николај Бинев“ и „Арт продукција“ од Софија, на 18-ти април, во Театар Комедија, со почеток од 20 часот, ќе го означи почетокот на осмото по ред издание од Интернационалниот театарски фестивал „Лица без маски“.
Во официјалната натпреварувачка конкуренција, годинава се шест претстави, меѓу кои и независните македонски продукции „Семејни приказни“, на режисерот Ангелчо Илиевски, како и претставата „К“, на режисерката Хана Миленковска.
Годинашната програма е збогатена со повторното учество на лауреатите од пред две години, театарската академија „Софија Амендолеа“ од Рим, Италија, кои ни доаѓаат со најновата продукција насловена „Копилиња во умот“, во режија на Фабио Омодеи. Како куриозитет, годинава фестивалот во програмата ја вклучи уникатната експрементална претстава „Ivet to tell something“, на театарот „Doo performing group“ од Рим, Италија, која ќе биде изведена во тоалетите на Македонска опера и балет.
Последната фестивалска вечер, на 21-ви ќе биде изведена магичната претстава „Машината Јан Бибијан“, во режија на Петар Пашов, помладиот, а во изведба на пријателите на „Лица без маски“, театарот „Атеље 313“ од Софија, Бугарија.
Како и во изминатите години, така и оваа за фестивалските награди: Гранд при за најдобра претстава во целина, Наградата за најдобра режија и Наградата за најдобро актерско остварување, ќе одлучува три члено фестивалско жири.
За разлика од изминатите години, осмото издание на „Лица без маски“, ќе се одржува на неколку сцени низ Скопје, меѓу кои: Театар Комедија, Македонска опера и блает, Дом на АРМ и Малата сцена на Универзална сала.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.