Насилството кон неистомисленици и новинари од поддржувачите на СДСМ продолжи со нова димензија. Дописникот на државната агенција МИА, Бобан Нонковиќ, во емисија на Радио Слободна Македонија раскажува за физичкиот напад врз него од Петрит Сарачини, активист и поддржувач на опозицијата.
Нападот, според кажувањата на Нонковиќ, се случил во Македонски институт за медиуми (МИМ), каде што тој е на постдипломски студии, а каде што работи и воедно е студент и Сарачини. Во еден момент, без никаква претходна провокација, Сарачини тргнал кон Нонковиќ со железна ногарка од камера-монопод, заканувајќи се и барајќи извинување за нешто за што Нонковиќ вели дека нема врска со него. Според нападнатиот новинар, инцидентот е спречен од присутни кои го тргнале Сарачини настрана, а тука како сведоци биле и професори и други студенти.
По разговор со директорката и професорите на институцијата, поднесена е пријава со која ќе се бара одговорност од Сарачини, но внатре во образовната институција. Нонковиќ вели дека заради респект кон институцијата, професорите и кон вработените, не го пријавил случајот во полиција, сакајќи да не го наруши угледот на институцијата.
Сепак, некој од присутните сведоците приказната „ја извадил“ надвор од рамките на институцијата и веќе нема што да крие.
Петрит Сарачини е новинар по образование, борец за човекови права по определба и музичар во слободно време. Од сето тоа најмногу е познат како опозициски активист кој е сеприсутен на сите протести, уште од времето кога се качуваше на „белата лада на отпорот“.
Физичкиот напад врз Нонковиќ е само продолжение на воинствените повици кои долго време ги упатуваат перјаниците на опозицијата. Соочени со фактот дека не успева планираното сценарио, сега тие физички посегаат и се служат со насилството покрај сеењето омраза. Ова не е прва агресија и напад врз новинари и неистомисленици.
За потсетување, дури и Мери Јордановска, новинар-поддржувач на делувањето на СДСМ, јавно преку социјалните мрежи сведочеше за агресијата која ја почуствувала на своја кожа при партиски прес на Зоран Заев, кога поставила прашање кое не биле по мерка на присутните.
Јавноста ја пераскажува агресивноста во настапот на Никола Гелевски на телевизиска дебата, кога дури и водителот мораше да се извинува во име на телевизијата за неговото однесување и речник.
Нападот над Нонковиќ е само последен во низата, на кој му претходеа и вербалните напади од лидерот на Достоинство, Стојанче Ангелов, врз новинарот Дејан Николовски, во ресторан, каде што Николовски случајно е присутен, на друга маса, со свои пријатели. Ангелов, кој, да потсетиме, потекнува од безбедносните служби, а сега е предводик во обидот за физичко рушење на институциите како МРТ и Јавното обвинителство, по нападот врз новинарот, потоа се фалеше и со закани по животот на Николовски. За ова дури и ЗНМ беше принудено да реагира.
Јавноста одамна предупредува и реагираше на повиците за насилство, палење, пресметки за кои се задолжени новинари и партиски играчи како Бранко Героски, Бранко Тричкоски, потоа Саше Ивановски, како и следбеници, роднини и пријатели на оваа тројка, кои од своите медиуми директно или индиректно финансирани од СДСМ и ид Сорос сеат само омраза и повици на насилство. Проблемот не лежи само во нивните написи, туку и во тоа што токму тие ставови се поддржани и споделувани од политичките активисти на опозицијата.
Зар е потребно да падне крв на новинар или на повеќемина од нив кога веќе не успева сценариото на СДСМ за граѓанска пресметка, за да се смират и задоволат страстите на овие сеачи на омраза? Зар е потребно тоа? Тоа ли е таа слободата за медиумите за која наводно се бори СДСМ, тоа ли е достоинството на Ангелов?
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.