| четврток, 6 декември 2018 |

Јахјага: Косово и Македонија имаат иста агенда – ЕУ

јах

Претседателката на Република Косово, Атифете Јахјага, како многу добри ги оценува односите меѓу Македонија и Косово истакнувајќи притоа дека двете земји работат за иста агенда, агендата кон Европската унија.

– Односите меѓу нашите земји се исклучително добри. Ние имаме многу добри соседски и пријателски односи. И Косово и Македонија имаат една интензивирана агенда за процесите на интегрирање не само во европските, туку и во други организации – изјави Јахјага во интервју за ТВ „Арт Тетово“, дополнувајќи дека двете земји имаат што да научат една од друга разменувајќи меѓусебни искуства.

Во однос на сферите каде треба да се продлабочи соработката меѓу Македонија – Косово, Јахјага вели дека има уште многу работа да се направи во оваа насока, ставајќи акцент не само на слободното движење на граѓаните, туку и интензивирањето на трговската размена меѓу двете земји.

– Ова е во интерес не само на двете земји, туку и на граѓаните и придонесува за економската соработка меѓу Косово и Македонија – вели Јахјага.

Претседателката на Косово нагласува дека такви примери на соработка во секој случај ќе придонесат за промена на размислувањата на другите земји од регионот на Западен Балкан и потенцира дека Европската унија е единствената агенда која ќе ги обедини сите народи и држави на Западен Балкан.

Таа не сакаше да ја коментира изјавата за обединување на Албанија и Косово на албанскиот премиер Еди Рама и реакциите од Белград и од Брисел.

– Јас не коментирам ничии изјави. Тоа што велам јас за иднината не само на поедини држави од овој дел на Европа, туку на целиот овој регион, е во правец на европските и евроатлантските интеграции. Ние имаме многу што да научиме еден од друг за да допринесеме на нашата заедничка колективната агенда – европските и евроатлантските интеграции.  Европската унија е единствената агенда која ке ги обедини сите народи и држави на Западен Балкан- вели косовската претседателка.

Зборувајки за заканите од исламскиот екстремизам и учеството на косовските граѓани во оружениот судир во Сирија, Јахјага вели дека Косово ниту било ниту ке биде гнездо на вакви активности на ваквите поединци.

– Прашањето на појавата на екстремизмот и радикализмот е закана не само за Косово, Македонија, Босна и делот на Западен Балкан, туку е глобална закана и секој ден прераснува во голема опасност за сите земји во целиот свет.  Вие знаете дека Косово е пример не само за регионот, туку и за целиот свет. Минатата година Косово имаше серија операции и благодарение на мошне професионалната работа на полициските механизми и на разузнувачките институции, судството и обвинителството, ги доведе пред лицето на правда поединците кои еднаш беа дел од овие илегални активности, вели претседателката на Косово во интервјуто за ТВ Арт Тетово.

Таа потсетува дека Косово донело и закон кој предвидува казна затвор во времетраење од 15 години, за поединци кои стануваат дел од овие активности.

Сепак, додава таа, треба да имаме поголема мобилност, не само како институции. туку и како држави, и не треба да дозволиме поединците да ја одредуваат државната агенда.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top