-Дебатата за воведување на еврото во Чешка мора да се интензивира – како заедничка порака ја испратија премиерот Бохуслав Соботка и претседателот Милош Земан, кои сметаат дека 2020 година е најблизок датум за влегување во монетарната асоцијација, со што не се согласуваат коалициските партнери, јави дописникот на МИА од Прага.
– Чешка треба да ја „поттурне“ дебатата за усвојување на еврото. Би било соодветно да се постави одреден рок за усвојување на заедничката европска валута и постепено да работиме на тоа да создадеме услови за усвојување на еврото – рече Соботка, кој во наредните месеци во врска со темата ќе продолжи да се среќава со Земан, претставници на Владата и Народната банка (ЧНБ).
Земан е долгогодишен застапник за што побрз влез на земјата во еврозоната, што според него, технички е можно да се достигне за две до три години.
– За мене, дебатата за еврото воопшто не е на дневен ред, бидејќи еврозоната сама не знае дали Грција ќе ја напушти или дали ќе ги исплати долговите – изрази несогласување со претходните ставови министерот за финансии Андреј Бабиш, претседател на движењето АНО, кое е коалициски партнер во Владата.
Против плаќање во земјата со евра е и ЧНБ, која својот став го аргументира со несигурната ситуација во еврозоната.
Чешка засега исполнува три од четирите мастришки критериуми, кои се обврзувачки за влез во еврозоната – дефицит на јавните финансии до три проценти од Домашниот бруто-производ (БДП) и јавен долг со 60 проценти од БДП, стабилност на цените и стабилност на каматните стапки.
Според последната анкета, мнозинството на Чесите не поддржуваат воведување на европската заедничка валута и тоа 47 проценти јасно се изјасниле против, додека четири проценти се за влез во еврозоната, а 15 проценти мислат дека тоа би можело да биде добро. Дваесет и девет проценти не се баш сигурни, но повеќе се против еврото, а пет проценти од анкетираните немаат мислење.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.