| четврток, 6 декември 2018 |

Додека Брисел се занимаваше со Ле Пен, Чешка ѝ удри финансиска шлаканица на ЕУ

Народната банка на Чешка одлучи националната валута, круната, да ја одвои од еврото, поради што стручњаците од финансискиот сектор и аналитичарите се вознемирени, бидејќи тоа го гледаат како прв чекор на малата, но високо индустријализирана Чешка кон откажување од претходно декларираната цел и придружување кон единствената европска валута

Збогум евро! По Брегзит за Европската унија стигнува нова шлаканица, овој пат од Прага и тоа непосредно по разочарувачкиот самит на ЕУ во Рим. Додека сите европски лидери и евробирократи од Брисел ја следеа кампањата и француските избори, стравувајќи од победата на Марин Ле Пен, која исто така е поборничка на излегување од еврозоната, ударот неочекувано дојде од Чешка.

Народната банка на Чешка одлучи националната валута, круната, да ја одвои од еврото. Речиси постојаната референтна стапка од 27 чешки круни за едно евро, која беше на сила три години, напуштена е.

Стручњаците од финансискиот сектор и аналитичарите се вознемирени, бидејќи тоа го гледаат како прв чекор на малата, но високо индустријализирана Чешка кон откажување од претходно декларираната цел и придружување кон единствената европска валута.

На пример, Словачка, која заедно со Чесите создаде единствена држава и мирно се разиде со падот на комунизмот, е дел од еврозоната. Да потсетиме дека како Чехословачка овие две земји до нацистичката инвазија во 1938 година беа технолошки меѓу најнапредните и меѓу главните светски економии.

Но, Прага ја донесе оваа одлука за да спречи дознаките и вложувањата на Чесите кои живеат во странство да станат прескапи и да не се зголеми стапката на инфлација, која моментално изнесува 2,5% годишно, а треба да се намали под границата од 2%.

Сега Народна банка на Чешка го избра помалото зло и сосема се ослободи од каква било референца на еврото.

Одлуката има двојна заднина. Прво, претстојните избори идната есен, чиј исход е неизвесен и премиерот Бохуслав Соботка, кој најави оставка и сака да го поправи рејтингот. Втората причина е што последните неколку години чешката круна беше на мета на меѓународните шпекуланти.

Главно шпекулативните хеџ фондови вложија 65 милијарди долари на ревалоризација на чешката валута, присилувајќи ја Нарднната банка во Прага на интервенции на пазарот. Тие активности доведоа до потреси во тековниот буџет и поради ударот на чешките резерви, Народната банка на земјата се одлучи на екстремни мерки.

Одлуката на Прага ги потсетува финансиските пазари на изборот на Швајцарија, која дури и не е членка на ЕУ, а која во јануари 2015 година го ослободи швајцарскиот франк од врската со еврото. Изборот на Швајцарија доведе до меѓународен финансиски потрес и предизвика најголема депрецијација на еврото во историјата.

“Чегзит”, или одвојувањето на круната од еврото ќе има ограничени последици. Во моментот на одлуката еврото ослабе во однос на чешката валута, но остана стабилен во однос на доларот.
Но, стручњаците се поделени околу ова големо прашање. Може ли одлуката на малата и индустријализирана земја во среднорочен период да има политички последици врз цела средна Европа? Со оглед на тоа дека до неодамна вредноста на круната се врзуваше исклучиво со еврото, Чешка претрпе загуба на резервите. Прага не виде друг избор и единствена алтернатива беше масовна продажба на резервите или забрзан влез во еврозоната, што е сценарио кое Чешка, очигледно сака да го избегне.

Освен тоа, единствената европска валута, особено во Вишеградската група која ја сочинуваат Чешка, Словачка, Полска и Унгарија, изгледа се помалку атрактивна. Во Прага и на други места на истокот на Европа, дури и самата ЕУ во очите на многу политичари и гласачи изгледа како далечен и непродуктивен бирократски ентитет, кој претставува потенцијална опасност за националниот суверенитет, Чешка по половина столетие доминација на Советскиот Сојуз не сака да се откаже од него.

Чешка се покажа како пример дека највисоката финансиска институција на земјата има автономија и може да најде најдобар модел за зачувување на суверенитетот, а него го нема без монетарен суверенитет, како и дека баш и не е нужно безглаво да се брза во еврозоната како што тврдат министрите во Загреб и гувернерот на Хрватската народна банка, Борис Вујчиќ.


Извор: https://www.logicno.com/

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top