Никогаш не треба да се потценуваат сомневањата на родителите кога сакаат да им укажат на педијатрите дека нешто не е во ред со нивното дете, ако им укажуваат дека детето не зборува, не се одѕива на името, не го насочува погледот кон луѓето или објектите, смета примариус д-р Мери Бошковска, психијатар за деца во ПЗУ „Ре-медика“, со која разговаравме за аутизмот. Во 2007 година ОН го прогласија втори април за Светски ден на аутизмот и целта е будење на јавната свест за постоење на аутизмот и негово рано дијагностицирање. Во Македонија не постои официјален регистар на лица со аутизам, а поновите истражувања покажуваат дека тој се јавува почесто од Дауновиот синдром, ракот кај децата или од глувоста. Почесто се јавува кај момчињата отколку кај девојчињата, и тоа за четири пати. Нејзината практика покажува дека во последните две-три години бројот на деца со аутизам е значително зголемен.
Аутизмот е невроразвојно нарушување со генетска основа. Лекарите велат дека постојано расте бројот на деца со аутизам, со нарушување од аутистичен спектар. Зошто расте бројот на деца со аутизам?
БОШКОВСКА: Дијагностицирањето на аутизмот е сложен процес кој е насочен кон утврдување на сликата што е присутна кај испитуваното дете и дали таа ги задоволува дијагностичките критериуми што се утврдени на меѓународно ниво. Нарушувањата од аутистичен спектар се тешки развојни оштетувања кои се одвиваат во три области: во социјалната интеракција, комуникацијата и во говорот, како и во однесувањето и интересите на детето (тоа има крути, ригидни преокупации). Можни знаци на предупредување може да се јават кај детето уште на 12-месечна возраст. Ако детето не брбори, ако не употребува зборови со значење, ако не покажува интерес за другите, ако изостанува насмевка кога му се обраќате, ако недостигаат гестови на покажување, мавтање во знак на поздрав, ако изостанува функционална употреба на зборови уште на 18 месец, отсуство на спонтани реченици од два збора на 24 месеци. Кај децата со аутизам говорот се развива забавено или може воопшто да не се јави (кај најтешките форми). Некои деца може да изговорат поедини зборови или да го повторуваат тоа што го слушнале-ехолалија. Кај детето нема реципрочна социјална интеракција со другите луѓе, и тоа претставува еден од најзначајните симптоми на ова нарушување. Некои од овие деца спонтано им приоѓаат на луѓето, но најчесто за да остварат некоја своја потреба, која може да биде повторувачка. Децата со аутизам тешко ги разбираат емоциите на другите луѓе, тие не ги набљудуваат ликовите на луѓето, како да гледаат во празно. Тој поглед не покажува емоција или интеракција. Тие деца не комуницираат невербално, немаат симболична игра, не имитираат, што, исто така, претставува еден од главните показатели за сомнение дека детето има аутизам. Нивниот контакт со очи е краткотраен, ретко е насочен и често не е емоционално поткрепен. Нема гестови, комуникација, не постои сплотено внимание. Едноставно, нема емотивна близина со родителите. Тие деца мислат бавно, односно бавно учат како мислат другите и како се чувствуваат другите. Имаат стереотипно и повторувачко однесување, кај нив нема имагинација и фантазија во играта. Во Македонија нема регистар на деца со аутизам, и тоа треба да се направи. Искуството на практичарите потврдува дека бројот на таквите деца расте секојдневно.
Како треба да се третира аутизмот и дали постои можност за целосно лекување?
БОШКОВСКА: Аутизмот најдобро се дијагностицира меѓу 18. и 24. месец, најдоцна до третата година. Постојат рани скенирања меѓу 18. и 24. месец кои може да одредат дали постои аутизам кај детето. Постои еден прашалник со кој се следат однесувањето и комуникацијата на децата, има прашања за родителот кои ги поставува педијатарот, но за рано поставување на дијагнозата е многу важно матичните педијатри да ги воочат првите знаци и да ги препратат кај професионалци што се занимаваат со овој проблем. Во Македонија тој број е мал. Тоа се неколку детски психијатри, педијатри, дефектолози, психолози. Сепак, обучени сме и ги користиме стандардите за дијагностика што се користат во Европа и во светот. Дијагностиката бара знаење и искуство од оваа област, познавање на меѓународните критериуми за дијагностика, користење скенирања и скали кои се користат во светот. Најважно е набљудувањето на детето низ игра, при што се следат неколку работи – говор, соработка со околината, како детето разбира, дали има вербални стереотипи, дали имитира, дали има симболична игра, како се движи во просторот, се испитува моториката, каква е интеракцијата со мајката, групата, околината, врсниците. Многу е важно како ги изразува емоциите. Педесет проценти од децата со аутизам имаат придружни проблеми – тие можат да бидат хиперактивни, но да имаат проблеми со спиењето, а тоа, пак, може да биде исцрпувачка ситуација за целото семејство. Може да имаат автоагресивно однесување – ако се лути или им се ускратени некои нивни потреби, се удираат и се повредуваат. Тие деца многу сакаат цртани филмови. Тие се опседнати од компјутери и со таблети, па родителите често знаат да им ги дадат со цел да бидат мирни додека се на гости, во автомобил, на лекар. Некои од тие деца кога ќе проговорат, зборуваат англиски. Аутизмот не се добива со премногу гледање цртани филмови или игри на компјутер, но мораме да нагласиме дека кај некои деца може да се забележи псевдоаутистична слика доколку многу часови минуваат пред телевизор или компјутер, со што децата не разликуваат што е реалност, а што фантазија. Откако ќе се постави дијагнозата, многу е важно да процениме кое е нивото на развој и дали детето има застој во развојот. Соопштувањето на дијагнозата претставува голем стрес за родителите. Денес во светот не е познат начинот за излекување на аутизмот, но мора да се развие модел за да се живее со тоа нарушување. Раното дијагностицирање значи вклучување на детето во рана интервенција. Главниот акцент во третманот е да се подобри социјалната комуникација, да има интеракција, да имитира, да учи и да ги решава проблемите. Ако неговиот сознаен развој не доцни многу, тој може да биде вклучен во образовниот систем.
Каков кадар треба да биде вклучен во третманот на лицата што имаат аутизам?
БОШКОВСКА: Во тимот треба да бидат вклучени детски психијатар, невролог, педијатар, психолог, дефектолог и логопед. Сите овие стручни лица треба да имаат познавање и искуство од областа на первазивните развојни нарушувања, каде што спаѓа и аутизмот.
Дали вакцинирањето предизвикува аутизам? Постојат ли научни докази што ја потврдуваат таа врска?
БОШКОВСКА: Постоеше една теорија дека во составот на вакцината има жива и тоа предизвикува нарушување на имунолошкиот систем кај детето. Научно, апсолутно, не е потврдено дека таа вакцина предизвикува аутизам и се смета за тешка шпекулација. Аутизмот е сериозно нарушување кое не се лекува и поради тоа секогаш е подложен на разни шпекулации, особено затоа што не се знаат причините за нарушувањето.
Можно ли е со кампањи да се подигне свеста кај луѓето за лицата со аутизам да не бидат обележани и отфрлени од општеството, односно да имаме реално место фиктивно вклучување во образованието?
БОШКОВСКА: Јакнењето на свеста од страна на заедницата навистина помага. Детето со аутизам има право на живот и да биде вклучено во образованието и пошироко во општеството. Последните години луѓето стануваат свесни за ова нарушување. Родителите рано ги воочуваат промените кај своите деца и порано доаѓаат на прегледи, и тоа уште во почетокот, на 20-месечна возраст, но тоа е така во последните две-три години. Родителите се преплашени, читаат на интернет, се интересираат, понекогаш се збунети од тоа море на информации. Затоа, многу е важно рано дијагностицирање и рано почнување со третман. Кај некои полесни форми децата во подоцнежната возраст достигнуваат поприспособливо функционирање. Спецификите остануваат, но дел од нив научуваат да користат тоалет, говорот се развива, што може да значи успешно вклучување во општеството. Ако говорот се јави во петтата, шестата година, тогаш детето има подобра прогноза за вклучување во општеството. На децата со тешки форми на аутизам им се потребни дневни центри, каде што со нив ќе работат професионалци, ќе им се осмисли престојот таму за семејството да им се посвети и на, условно кажано, здравите деца.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Александар Ивановски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Виолета Џолева, режисерка: Со првиот мјузикл за деца сакам да им се заблагодарам на маестро Џамбазов и на Оливера Николова
-
Загадениот воздух може да предизвика аутизам кај децата
-
Бислимовски: РКЕ нуди четири цени на нафтените деровати, но трговците секогаш ја избираат највисоката
-
Тарик Филиповиќ: Жив актер на сцената сѐ уште е мамка за луѓето да доаѓаат во театар