| четврток, 6 декември 2018 |

Официјално: Бошко Ѓуровски веќе не е селектор на Македонија

Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија попладнево донесе одлука за прекин на соработката со селекторот на машката сениорска репрезентација на Македонија, Бошко Ѓуровски.

За превремен раскин на договорот, ФФМ ќе мора да му плати на Ѓуровски три плати или вкупно 21.000 евра.
Веднаш по денешното разгледување на досегашната работа на Ѓуровски и одлуката за разделба со досегашниот предводник на националниот тим, УО на ФФМ се огласи со став кој во продолжение е пренесен во целост.

„Бошко Ѓуровски како предводник на најдобрата македонска репрезентација на единаесет натпревари оствари две победи (Летонија и Луксембург), шест порази (Шпанија, Словачка, Украина, Белорусија, Камерун, Кина) и три нерешени резултати (Катар, Кина и Австралија) .

Во периодот додека ја извршуваше функцијата селектор на А репрезентацијата беа поставени два типа на цели дефинирани во планот за работа и извештајот на селекторот, а доставени до одговорните тела во Фудбалската федерација на Македонија:

-Цели за развој на македонскиот фудбал;

Бошко Ѓуровски во изминатиот период активно беше вклучен во едукативниот процес на тренерите кои полагаа за ПРО лиценца и семинарите организирани од ФФМ. Одржуваше теоретските предавања и практични тренинзи во фудбалските региони во државата, а долгогодишното свое тренерско искуство несебично го пренесуваше во насока на унапредување на работата на домашните тренери.

-Цели во однос на А репрезентација;

Создавање на конкурентен репрезентативен тим , играње на допадлив фудбал (динамичен и офанзивен) со цел да бидеме во позиција да се бориме и надигруваме за добар пласман во квалификациската група за пласман на ЕП 2016.

Одлуката за прекин на соработката е донесена поради очекувањата на ФФМ и притисокот на фудбалската јавност за подобри резултати во тековните квалификации за Европското првенство и подобар рејтинг на нашата А репрезентација. Сите ние како фудбалски работници знаеме дека резултатите се единственото мерило за успех и токму поради тоа безрезервно и максимално дававме поддршка и создававме услови за непречена работа на најдобрата селекција. Развојот и подобрувањето на рејтингот на македонскиот фудбал е наша грижа и токму затоа мора да бидеме одговорни кога е во прашање успехот на репрезентацијата. И покрај тоа што Бошко Ѓуровски го споделуваше своето искуство и работеше со тренерите и играчите сепак, притисокот кога се работи за А репрезентативниот тим е преголем, посебно кога се соочуваме со негативна серија на резултати. Во фудбалскиот свет тоа резултира со неминовни промени, промени кои се надеваме дека ќе не водат кон успех и подобар рејтинг на А репрезентацијата.

Во следниот период треба да се обедини не само репрезентативниот тим, туки и целата нација. Импулсот мора да дојде од теренот. Сигурни сме дека македонските навивачи ќе бидат со репрезентацијата во натпреварите кои ни следуваат. Бошко Ѓуровски даде свој придонес во нашиот репрезентативен фудбал и му благодариме за тоа“ стои во соопштението на УО на ФФМ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top