| четврток, 6 декември 2018 |

Земјиштето во развојните зони само ќе се издава, а не и продава

бунар

Враќање на стариот концепт  со издавање под закуп на земјиштето во технолошко индустриските развојни зони и бришење на одредбата со можност за негова продажба, предвидува Предлог законот за изменување на Законот за технолошки  индустриски развојни зони, во прво читање, што денеска доби поддршка од матичната собраниска Комисија.

– Моделот за продажба на земјиштето во овие зони се брише, односно се враќа стариот модел. Владата на последната  седница одлучи да се врати овој концепт заради тоа што функционира, странските инвеститори  се задоволни и од нив имаме голем одѕив. Подобро е овој модел да остане како што беше, односно  странските инвеститори да прават долгогодишен закуп на тоа земјиште и да инвестираат – рече во образложението на Предлог законот заменик-министерот за економија Кристијан Делев.

Моделот со  закуп на земјиштето, додаде Делев, функционира заради тоа што сите инвестиции во рамки на ТИРЗ се гринфилд и како таков треба да остане.

Според пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, досегашните ефекти од бројните инвестиции во зоните покажуваат дека решението со стариот концепт за закуп на земјиштето е оправдано и дава резултати.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Коџобашиев потсети дека на крајот на минатата година беше иницирано да се овозможи инвеститорите да можат да купуваат земјиште во  ТИРЗ-овите со образложение дека постои таков интерес од турска компанија. – Тоа иницираше промена на Законот, компанијата го купи земјиштето и во наредниот период се очекува да инвестира и да овозможи вработување на 2.500 лица. Меѓутоа, со натамошните анализи до март годинава, се дојде до сознанија дека, пред се, добро функционира начинот со закуп. Инвеститорите се одлучуваат на тој начин на инвестирање и се пристапи кон повторно враќање на Законот  со решенијата од 2014 година, рече Ѓорѓи Коџобашиев.

Според него, владините економски политики и мерки привлекуваат инвестиции и отвораат работни места. Невработеноста, истакна,  од крајот на 2006 година е  намалена од 36 проценти на  27,6 проценти.

Газменд Алиу од ДПА побара со предлог законот да се повлече моделот за јавно-приватно партнерство  за технолошката индустриска развојна зона Тетово затоа што немало резултати. Предлага зоната во Тетово да функционира како и останатите ТИРЗ-ови за што најави дека ќе предложи амандмани.

Заменик-министерот Делев не се согласува со ставот на Алиу дека моделот во Технолошката развојна зона во Тетово  не е успешен. Се размислува, како што рече, таков концепт да се воведе во уште една или две зони.

– ТИРЗ Тетово е успешен модел. Во изминатиот период се објавени две инвестици од кои едната се гради  во зоната. Овој концепт се покажа како успешен затоа  што во најава имаме уште неколку инвестиции. Дополнително Владата размислува за неколку други зони каде е пројавен интерес од одредени држави и компании  да ги концесионираат, што допрва се разгледува и анализира. Овој модел е успешен и функционира и мислиме да продолжиме понатаму – рече Делев.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top