Израелскиот министер Јувал Штајниц, задолжен за стратешки работи, денеска изјави дека воена акција против иранската нуклеарна програма се уште е опција, наспроти рамковниот договор постигнат минатата недела меѓу Техеран и меѓународната шесторка.
Изјавата на Штајниц е поради загриженоста на Израел за договорот со кој на Иран се нуди укинување на економските санкции во замена за ограничување на иранската нуклеарна програма.
Според израелските лидери договорот со Иран остава на располагање на Техеран голема нуклеарна инфраструктура што овозможува и понатаму да развива нуклеарно оружје.
Штајниц, кој важи за близок со премиерот Бенјамин Нетанјаху, најави дека израелската Влада во следниот период ќе лобира кај светските сили, кои преговараат со Иран, за поостри услови во конечниот договор со Иран.
Според Штајниц, иако на Израел повеќе одговара дипломатско решение, воената опција се уште постои.
– Таа беше на маса. Се уште е на маса и ќе остане на маса – изјави Штајниц пред новинарите, додавајќи дека Израел мора да биде во состојба да се брани, сам против секаква закана.
Штајниц истакна дека Израел изработил листа со десет прашања на кои бара одговор во конечниот договор со Иран.
Израелските лидери го сметаат нуклеарното вооружување на Иран за закана по егзистенцијата на државата Изарел и се повикуваат на изјави на ирански лидери за уништување на еврејската држава, поддршка на антиизраелски милитантни групи и развој на ракети со голем домет што може да носат нуклеарни боеви глави.
Рамковниот договор со Иран е постигнат во четвртокот во Швајцарија по пет години преговори.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.