АКтуелниот француски шампион Пари Сен Жермен славеше со 3-2 на тешкото гостување во дербито на „Велодром“ против Олимпик Марсеј во рамките од 31.коло од францускиот шампионат.
Со оваа победа ПСЖ се врати на врвот на табелата со само бод предност пред Лион и дури пет во однос на денешниот противник.
Марсеј може да жали за пропуштената шанса бидејќи во првиот дел со головите на Андре-Пјер Жињак двапати водеше најпрвин во 30 минута со 1-0, а потоа во самиот финиш од полувремето со 2-1. Израмнувачкиот гол за ПСЖ беше дело на Матуиди во 35 минута.
Во вториот дел „светците“ од Париз направија комплетен пресврт за само шест минути што подоцна се покажа доволно за голема победа. Во 49.минута, Маркињос успеа да израмни на 2-2, а само две минути подоцна Морел си постигна автогол, што ги шокираше домашните фанови на „Велодром“.
И покрај фантастичната атмосфера која ја направија домашните навивачи со невидена кореографија досега во францускиот шампионат, симпатизерите на Марсеј посеизгледа на крајот на сезоната нема да се радуваат на титулата.