| четврток, 6 декември 2018 |

Избегната војна: американски агент за малку ќе го убиел Ахмадинеџад среде Њујорк

Американски агент на Тајната служба за малку ќе го убиел иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад за време на одржувањето на Годишното собрание на Обединетите нации во Њујорк во 2006 година. Агентот, кој бил во придружба на тогашниот претседател на САД, Џорџ Буш, случајно истрелал од неговото оружје, а куршумот минал покрај иранскиот претседател.

Тајната била чувана седум години, а сега ја обелодениле американските новинари Марк Амбиндер и Д.Б. Грејди во книгата „Длабока држава: во владините тајни на индустријата“. Авторите го откриле настанот откако дошле до снимка од телефонски разговор меѓу припадниците на администрацијата на Буш. Инцидентот можел да предизвика незапаметени последици.

–       Еден агент случајно ја откочи автоматската пушка додека иранскиот претседател минуваше во колона автомобили пред хотелот „Интерконтинентал“. Кога го истрела куршумот, сите застанаа. Иранците нѐ гледаа нас, ние погледнавме во нив. Агентот почна да се извинува, но Ахмадинеџад само ја заврте главата и влезе во возилото – раскажува анонимно официјално лице во книгата на новинарите.

Според нивните наводи, членовите на администрацијата на Буш биле загрижени како Иран ќе реагира на тој инцидент и дали ќе поверува дека тоа било случајност. Се плашеле дека Ахмадинеџад  ќе го сфати тоа како обид за негова ликвидација за време на посетата на САД, која би се претставила како случајност. Сепак, иранскиот претседател никогаш не го споменал случајот ниту ги обвинил САД за заговор.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top