| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски: Ако сака да си ги лаже Црвенковски неговите, нека ги лаже

Нашиот политички противник крена раце од она што го направил, дигнаа раце и ништо не зборуваат за минатото, што изградиле, како ја унапредиле земјата, општината, ниту, пак, говорат за тоа што ќе направат. Едниот нивен правец е создавање алиби за в недела Црвенковски да се спаси од губење на функцијата претседател и да каже дека изборите биле недемократски и затоа секој ден сервираат лаги и манипулации дека сѐ се одвива во недемократски услови –  рече премиерот  Никола Груевски на вечерашниов митинг во Гази Баба.
Тој обвини дека прво си ги кршеле прозорците на неколку штабови, после фатиле приказна да раскажуваат за некоја жена во Крива Паланка за фалсификување на изборите, но откако виделе дека никој не ги сфаќа, почнале да фалсификуваат лични карти, но МВР ги фатило и во тоа.
– Се фатија и тие луѓе, ќе добијат кривични пријави, а на крај се фатија со луѓето од Пустец, зашто тие да гласаат, за кого и како ќе гласале. Со лаги и со манипулации не ја бидува работата, џабе си го губите времето, со ова никаде нема да стигнете. Барем да им дадевте шанса на вашите кандидати да имаат да кажат нешто – рече Груевски.
Тој посочи дека Црвенковски има и друга стратегија, според која не може никако да ги мотивира неговите членови и поддржувачи.
– Другата стратегија со која се лажат сами себе е тоа дека не може да ги мотивира неговите членови и поддржувачи со конкретни проекти. Имаше многу пати можност да реши проблеми, да направи проекти и дела, па сега и неговите не му веруваат, но му веруваат само дека е добар во далавери. Сега зборува дека ќе имаме предвремени избори. Јас не знам дали некој во таа партија му верува. Ние сме спокојни и мирни, ние не сме ветиле договор ниту, пак, предвремени избори. Ако тој сака да си ги лаже неговите, нека ги лаже, ако сака така да ги мотивира – истакна Груевски.
Тој посочи дека сето тоа тие ќе го остават настрана и ќе продолжат со нивните проекти и афирмирање на нивните кандидати и проектите за време на последните денови од изборната кампања.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top