Грчката Влада има напредок во дефинирање на нејзините предлози за реформи но мора уште многу да направи, изјави францускиот министер за финансии Мишел Сапин.
– Има напредок со списокот… Дали има потреба од повеќе прогрес? Да, во квантификација на мерките, истакна тој во Париз.
Во меѓувреме, грчките медиуми јавија дека кредиторите не прифаќаат многу од новите предлози од грчкиот список со реформи, кој вчера и беше претставен на Бриселската група. Причина за тоа се стравувањата на доверителите дека повеќето од мерките се преценети и оти нема да ги донесат приходите во буџетот кои ги очекува Владата.
Претставниците на Бриселската група ( ММФ, ЕУ, ЕЦБ), сметаат примарниот буџетски суфицит во висина од три отсто од БДП, кој е ставен во новиот список со реформи, е многу зголемен, со оглед на тоа што пред преговорите Владата во Атина зборуваше за суфицит од 1,5 отсто од БДП за оваа година.
Според грчката Влада, списокот, кој прво беше објавен во британскиот весник „Фајненшл тајмс“, е направен врз основа на договорот меѓу Грција и Еврогрупата од 20 февруари, а во него биле предвидени неколку сценарија за формирањето на примарниот суфицит за 2015 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.