| четврток, 6 декември 2018 |

Крај на епидемијата на жолтица во Скопје

Центарот за јавно здравје Скопје информира дека денеска е одјавена епидемијата на заразна жолтица на подрачјето на Град Скопје, која беше прогласена на 22 август, минатата година, кога беше регистриран зголемен број заболени лица од заразна жолтица на подрачјето на Скопје.

Вкупниот број на заболени во епидемијата изнесува вкупно 476 лица, од кои 247 случаи се регистрирани како Hepatitis virosa А и 229 случаи како недиференциран Hepatitis virosa.

Најголем број регистрирани случаи на заразна жолтица се регистрирани во 39. и 40. недела од појавата на ова заболувања, во тек на месец септември и октомври, кога се регистрирани по 37 нови случаи неделно.

 Од вкупниот број заболени лица од заразна жолтица, болнички се лекувани 177 лица или 37,1 процент од заболените.

Географската дистрибуција на заболените лица од заразна жолтица покажува дека најголемиот број случаи се регистрирани во општина Шуто Оризари (194 лица или 40.7%), што се должи на:

·         Густината на населението и близината на куќите,

·         Присуство на отпадни и фекални материи во дворовите и улиците  поради излевање на канализациската мрежа при пообилни дождови,

·         Присуство на голем број полски клозети во дворовите, кои се поврзани на канализациска мрежа, но често се излеваат во дворовите при обилни дождови,

·         Присуство на голем број домашни животни во дворовите (коњи, кучиња и др) кои допололнително ја загадуваат средината

Во изминатиот период, ЦЈЗ Скопје ги презеде потребните санитарно-хигиенски и противепидемиски мерки, како што се:

·         Обрнување особено внимание на личната хигиена–редовно миење раце пред јадење и после користење на тоалет;

·         Оддржување хигиена во домот, особено во кујните и санитарните јазли;

·         Детално миење на свежото овошје и зеленчук пред конзумација;

·         Конзумирање здравствено исправна и епидемиолошки сигурна вода (да не се користи вода за пиење од дополнителни водоснабдителни објекти – бунари и сл.);

·         Едукација за оддржување и подигање на општата и личната хигиена;

·         Спроведување на препорачаните противепидемиски мерки од страна на училиштата и градинките;

·         епидемилошки надзор во училишни и предучилишни установи и едукација за оддржување на општа и лична хигиена, од страна на епидемиолошки екипи при ЈЗУ ЦЈЗ – Скопје;

·         Дезинфекција во училишни и предучилишни установи од страна на Службата за ДДД при ЈЗУ ЦЈЗ – Скопје;

Одделението за епидемиологија при Центар за јавно здравје–Скопје и натаму продолжува да ја следи состојбата со заразни заболувања на територијата на Град Скопје и во континуитет се преземаат потребните санитарно-хигинески мерки.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top