| четврток, 6 декември 2018 |

Македонија против опасните „кенгури“ за подобрување на впечатокот

Македонската репрезентација денеска од 21 часот на националната арена „Филип Втори“ во Скопје ќе игра против одличната селекција на Австралија за подобрување на бледиот впечаток од квалификацискиот меч со Белорусија.

Во изменет состав од тој што загуби со 1-2 против Белорусите, нашите репрезентативци ќе се обидат да му парираат на актуелниот првак на Азија.

Австралија е на европска турнеја, а за нивниот квалитет доволно говори ремито, 2-2, против свсетскиот првак Германија, во меч во кој популарните „кенгури“ беа подобри и можеа и да победат. Без Тим Кејхил, кој е икона на австралискиот фудбал, гостите вечерва ќе атакуваат на втора победа во меѓусебните дуели со Македонија. Во единствениот меч досега Австралија во Скопје во 1997 година нѐ победи со 1-0.

– Знам дека сите во Македонија се разочарани од поразот и играта што ја прикажавме против Белорусија, и затоа ние фудбалерите мора да покажеме сила и единство, сега кога е најтешко. Ќе биде мошне тешко од психолошки аспект, но професионалци сме и мора да гледаме само напред. Јас сум емотивно врзан за Австралија, таму сум роден, но македонската репрезентација ми е, пред сѐ, во срцето, и искрено посакувам да победиме денеска – вели Даниел Георгиевски.

makedonia-belorusija-19

Вечерва Македонија ќе игра со изменет состав, без голманот Пачовски и Хасани, кои се ослободени од обврските по дуелот со Белорусија, а веројатно ќе има уште неколку измени од стартните 11 кои разочараа во квалификацискиот дуел во петокот, кога загубивме со 1-2.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top