-ЕУ не е само дел од решението, туку и дел од проблемот со кризата во Македонија – истакна денеска во Скопје Флоријан Бибер, директор на Студиите за ЈИЕ на Универзитетот во Грац, Австрија.
– Македонската криза е само рефлексија на кризата во ЕУ. Унијата има проблем со легитимитетот во Македонија и не е конструктивен партнер. ЕУ не е само дел од решението, туку и дел од проблемот. Големата криза е предизвикана од немање интерес во ЕУ за проширувањето. Три четвртини од населението во Унијата е против проширувањето што е поврзано секако и со економската криза. Поради тоа, на грчкото вето беше гледано со благонаклоност од земјите на ЕУ – рече Бибер.
Според него, тоа е причината што се менува целосната слика за демократијата и има назадување во регионот. Тој смета и дека одлуката на Грција за блокадата на почетокот на преговорите со ЕУ во 2009 година и пристапувањето во НАТО една година претходно беше стратегиска грешка, а последиците од немањето интерес за Македонија се гледаат денес шест-седум години подоцна.
Вицепремиерот за ЕУ-интеграции Фатмир Бесими упати апел до политичките партии денеска во Брисел да дадат се од себе за да се воспостави дијалог во Македонија што е важно за нејзината иднина.
– Рокот за зачувување на препораката со надминување на кризата и воспоставување дијалог „беше вчера“. Препораката треба секоја година да се заработи, сите сценарија се отворени и тоа зависи од нас колку ќе покажеме капацитет за да ја одржиме препораката и да почнеме со официјалните преговори. Исклучително важно е Македонија да покаже капацитет за надминување на состојбата – рече Бесими.
Дебата на која учествуваа Бибер и Бесими е во организација на Институтот за европски политики на тема „ЕУ и актуелната политичка криза во Македонија – влијанија, инволвираност и перспективи“ на која учествуваа претставници од цивилното општество, од дипломатскиот кор, претставници од власта, од политичките партии, како и од академската заедница.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.