| четврток, 6 декември 2018 |

Четирите најчести проблеми со кои жените одат на гинеколог

Редовната посета на гинеколог е многу важна за здравјето на репродуктивните органи. Ова се четирите проблеми со кои жените најчесто се соочуваат.

1. Чуден вагинален исцедок
Зголемена количина или променет изглед на вагиналниот исцедок, непријатен мирис, промена во бојата, се едни од најчестите симптоми на кои жените се жалат во гинеколошката ординација. Пропратно со овие проблеми може да се јави и иритација, чешање и чувство на печење. Може да се појават и болки во долниот дел од стомакот или често и болно мочање.

Лечењето на своја рака, најчесто со билни препарати, може само да ги намали симптомите, но не и да го реши вистинскиот проблем, кој од обична инфекција може да предизвика и сериозни оштетувања на матката, јајниците и јајцеводите. Затоа е битно да се посети гинеколог.

 

2. Meтoди на контрацепција 
Заштитата од несакана бременост е, исто така, честа причина за која жените бараат совет од својот доктор. Апчињата за контрацепција се конзумираат само со рецепт и препорака од матичниот гинеколог, кој најдобро ќе може да ви укаже на несаканите ефекти од овие лекови.

Контрацептивните пилули се користат и за нередовни менструални циклуси, болни и обилни менструации, како превенција од цисти на јајниците, полицистички јајници, ендометриози и слично.

 

3. Неправилно крварење
Во периодот пред менопаузата често се појавува скратен циклус, неправилно или продолжено крварење, како и климактерични тешкотии како несоница и промени во расположението. Пред да се препише било каква терапија мора да се направи целосен преглед на органите, бидејќи тоа е период во кој лесно може да дојде до заболување.

4. Инконтиненција
Инконтиненција, односно несакано мокрење, е проблем кој влијае и на псхичкото, интимното и професионално функционирање на жената. Се проценува дека со ваков проблем на неконтролирано мокрење се соочува секоја дваесетта жена до 40 години и секоја петта над 45 години. Причините и типот на инконтиненција се различни кај секоја жена, така и лекувањето е разновидно – од разни мускулни вежби, преку магнетна инервација до комбинација на лекови и ласерски третман.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top