Инспирирани од кампањата „Да ставиме крај на насилството врз жените и девојчињата –сега ! “, младите дизајнери Алмир Мили и Ивана Цветковска креираа маички кои ќе бидат презентирани во рамките на Моден викенд Скопје кој ќе се одржи од 1 до 5 април.
Покрај Моден викенд кој се приклучи кон кампањата на Канцеларијата на УНДП во Скопје, својата поддршка ја дадоа и Индира Кастратовиќ, Наташа Петровиќ, Милена Антовска, Лабина Митевска, Ана Јовковска и Вера Милошевска кои ќе се појават во ексклузивен едиторијал на 8 април во списанието „Теа Модерна“ кое е медиумски покровител на проектот . Фотографиите од фотосесијата ги направи Марко Марковски.
Пролетното издание на Моден викенд Скопје почнува со моден маскенбал на први април во клубот „Станица 26“. На трети април во петок, почнува ревијалниот дел кој ќе се одвива три дена во катната гаража „Солунски когрес“ и ќе го отвори ревијата на Росица Мршиќ , додека за време на викендот ќе ги видиме ревиите на студентите од Факултетот за Арт и дизајн при ЕУРМ, „Ив“ на Ивана Цветковска (Evee by Ivana Cvetkovska), Алмир Мили, Флутура Дедиња, Ирина Тошева, Венера Мустафа, Јована Марковиќ, ФА-БУ, модната куќа Менакон…
Единаесеттото издание ќе го затвори модниот перформанс на Олгица Ѓеоргиева во соработка со „Прима Данца“.
Посетителите ќе ги видат и изложбата на професорите од ЕУРМ наречена АРТЕРИЈА-АНТЕРИЈА, модната инсталација на „Фешн груп Македонија“ во соработка со блогерката Јована Зука и меѓународната фото-изложба „Модата и културното наследство“организирана од Британски совет во Македонија и Британскиот моден совет.
Во продолжение, на 17 април во скопската винарија „ Камник“ ќе биде прикажана најновата колекција на Мила Кадриу.
Официјално кафе на настанот е „Атибаси“ за кое преку специјален проект модната дизајнерка Искра Џокиќ и графичката дизајнерка Анита Гај осмислија нов изглед за дизајн на шолја која што ќе биде во ограничено издание и ќе се приклучи на веќе постоечките колекции.
Денеска на Скопски саем во рамките на едукативната и бизнис програма на Моден викенд Скопје, поддржана од најсовремената технологија на „ЦИСКО Систем“ ќе се одржи видео конференција (вебинар) на која основачот на Глобал фешн менаџмент Тиери Бајле во живо од Лондон ќе одржи предавање и менторски сесии.
Бајле кој ќе зборува на темата „Топ златни правила за зголемување на продажба“ повеќе од две децении се занимава со консултантство од областа на модниот бизнис. Неговото професионално портфолио вклучува клиенти како Келвин Клајн, Кензо, Дона Карен, Версаче. На предавањето на Бајле освен модни дизајнери ќе присуствуваат и претставници на македонски фабрики- членки на Текстилниот кластер Македонија а индивидуални менторски сесии ќе имаат Ирина Тошева, Росица Мршиќ, Јована Филиповиќ , и претставници од „Линеа“ и „Саитис “.
Од 27 до 29 март во компанијата за едукација и поддршка на млади таленти „Њу менс бизнис акцелератор“ во Скопје се одржа работилница на тема „Развој на моден бизнис“ под менторство на Жан Бутон. На тридневната работилница учествува Емилија Норис, Ирина Тошева, Лили Кадинска (Ле Бренд ), Мелани Димитровска, Олгица Ѓоргиева, Росица Мршиќ, Симона Ристовска и Теа Пупкова.
Жан Бутон кој доаѓа од Париз, има долгогодишно искуство во развој на бизнис и бизнис стратегија. Неговото портфолио вклучува работни позиции во маркетинг и комуникации, консултантство и проект-менаџмент. Моментално работи како главен финасиски менаџер за македонско-францускиот бренд „Ристо“ основан од познатиот македонски дизајнер Ристо Бимбилоски кој над две децении работи во Париз.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.