На промоцијата на нова агроинвестиција, ладилник за складирање овошни производи, сопственост на приватната компанија „Голем извор“ од Битола, заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Зоран Коњановски, истакна дека извозот на македонски земјоделски призводи расте и од некогашните 242 милиони евра, сега надмина половина милијарда евра, факт што, како што истакна, укажува на потребата да се инвестира во објекти за прифаќање на земјоделското производство.
– Станува збор за гринфилд инвестиција, вредна околу еден милион евра, која е од исклучителна важност за земјоделството, кое, поттикнато со владините мерки и субвенции, е сѐ поголемо. Ако го споредиме земјоделското производство од 2006 година кога имавме извоз на земјоделски производи во износ од 242 милиони евра, а сега има извоз на земјоделски производи од Република Македонија поголем од половина милијарда евра, тоа значи дека дојде времето кога треба да се инвестира во објекти каде што ќе се прифати земјоделското производство – посочи Коњановски.
Ладилникот за складирање овошни производи е со капацитет од 1.000 тона, инвестиција од еден милион евра на семејството Момирчевски мотивирана од слични примери и инвестиции во Холандија. Во фазата на изградба на објектот инвеститорите добиле поддршка од Општина Битола.
– Инвестицијата е реализирана според врвни стандарди, со технологија од развиените држави. Нашата мисија е да ги прифаќаме и реализираме барањата и идеите на граѓаните и во таа смисла стопроцентно сме расположени да излеземе во пресрет. Оваа тесна и континуирана соработка меѓу Владата на Република Македонија, Општината и приватниот сектор дава резултати, а со новите поволности што ги нудиме веруваме дека ќе има и други приватни иницијативи – истакна градоначалникот на општина Битола, Владимир Талески.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.