| четврток, 6 декември 2018 |

ВМРО-ДМПНЕ ја има поддршката од најмоќната политичка групација во Европа (видео)

Претседателот на ЕНП, Вилфрид Мартенс, во видеопорака рече дека, во име на партијата, му претставува привилегија да ѝ даде поддршка на ВМРО-ДПМНЕ за претстојните локални избори

Владејачката партија во Македонија, ВМРО-ДМПНЕ, ја има поддршката од Европската народна партија (ЕНП), најмоќната политичка групација во која членуваат партиите на германската канцеларка Ангела Меркел, на Италијанецот Силвио Берлускони и на французинот Никола Саркози. Претседателот на ЕНП, Вилфрид Мартенс, во видеопорака рече дека, во име на партијата, му претставува привилегија да ѝ даде поддршка на ВМРО-ДПМНЕ за претстојните локални избори.

vilfrid_martens_enp

– Најголемата европска политичка партија, ЕНП, е покрај вас, покрај вашата земја и вашите граѓани. Искрено ви посакуваме успех во предизвиците и се надеваме дека Европската унија ќе ви понуди светла и стабилна иднина за младата генерација во Македонија – рече Мартенс.

Според Мартенс, ВМРО-ДПМНЕ е силен партнер на ЕНП, во која имаат доверба повеќе години, па затоа и ја заслужија позицијата на членка на ЕНП.

– Без разлика на турбулентните историски моменти во западна Европа низ кои помина вашата партија во минатите децении, секогаш останавте посветени на главните цели, принципи и политички верувања. Вашата партија со своето богато и историско минато игра значителна улога во постигнување независна земја. Уште поважно, вашата партија ја збогатува земјата со вистински европски вредности, кои се клучни вредности на Европската народна партија – рече Мартенс.

Тој нагласи дека тоа се демократијата, законодавството, правдата, слободата и солидарноста.

– Сакам особено да му се заблагодарам на премиерот Никола Груевски за храброста со која го брани доброто на земјата, за бескрајната посветеност на демократските реформи и упорноста за интеграцијата на вашата земја во Европа и во НАТО. Уште поважно, во ова време на глобална економска и финансиска криза, Владата на Македонија успеа да ја задржи економската стабилност, а истовремено ја зајакна регионалната и интернационалната економска стабилност. Не е лесно да се стане земја-членка на Европската унија. За тоа треба бескрајна посветеност и постојана работа за да се спроведат нормите и стандардите на Европската унија – рече Мартенс.

Тој нагласи дека Македонија денес заслужува да ги почне преговорите за членство во ЕУ и истакна дека е убеден оти наскоро од Брисел ќе пристигнат добри вести.

ВМРО-ДПМНЕ е асоцијативна членка во Европската народна партија, во која членуваат партии со десничарска политичка ориентација од 37 европски земји, од кои Народната партија од Шпанија, ЦДУ на канцеларката Ангела Меркел од Германија, ПО од Полска, ПДЛ од Италија, УМП од Франција, Модератерна од Шведска и многу други.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top