Фудбалските гиганти Италија и Холандија се спасуваа од порази во последен час во петтото квалификациско коло за настап на Европското првенство во Франција следната година.
Во последните секунди од мечот против Турција, Холанѓаните израмнија на 1-1 со голот на Клас Јан Хунтелар, откако во првиот дел Јилмаз им донесе предност на гостите. Холандија игра неочекувано бледо во овие квалификации и по 5 рунди има само 7 бода на третата позиција во А групата, зад Чешка со 13 и Исланд со 12 бода. Турција остана на четвртата позиција со 5 бода, пред Летонија со 3 и Казахстан со само едно реми.
Италија поведе на гостувањето против Бугарија, но потоа мораше да спасува бод во финишот. Попов и Мицански за само 6 минути направија пресврт и и донесоа предност на Бугарија од 2-1. Тој резултат беше важечки до 84. минута кога натурализираниот Италијанец Едер израмни на 2-2. Италија ја продолжи импресивната серија на 45 меча без пораз во квалификациите.
Вечерва убедливи победи прокнижија Белгија против Кипар со 5-0 и Босна и Херцеговина со Андора со хет-трикот на Един Џеко.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.