Во интервју за „Шпигел“, еврокомесарот за монетарна политика, Пјер Московичи, зборува за напорите на Брисел за Грција да остане во еврозоната и зошто верува дека излегувањето на Грција би било катастрофа за Европа.
ШПИГЕЛ: Господине Московичи, зошто некој би верувал дека Вие, како еврокомесар за монетарна политика, ќе се заложувате за критериумите за стабилност на еврото? Додека бевте министер за финансии во Париз, францускиот буџетски дефицит секогаш беше над дозволените три проценти.
МОСКОВИЧИ: Во периодот меѓу 2012 -2013 година, кога стапив на функцијата министер за финансии, Франција го намали својот буџетски дефицит од околу пет проценти од домашниот бруто-производ на 4,1 проценти и покрај тешката економска ситуација. Но, јас не стојам пред вас како француски министер за финансии, туку како еврокомесар за монетарна политика. Во оваа функција јас ги претставувам интересите на Европската унија. Донесувам одлуки што мора да бидат одобрени од Колеџот на комесари и што се засноваат на одредени правила. Моето политичко минатото не игра никаква улога.
ШПИГЕЛ: Бевте прилично попустлив во преговорите за долгот со Грција и покрај фактот дека земјите-членки на еврозоната се одговорни за парите што се дадени на заем. Зошто?
МОСКОВИЧИ: Комисијата преговараше како чесен посредник! Впрочем, сите ние во Европа се согласуваме дека излегувањето на Грција од еврозоната би било катастрофа за грчката економија, како и за целата еврозона. Тука се работи за повеќе од само заеднички монетарен систем, се работи за валутна унија. Ако една земја ја напушти унијата, пазарот веднаш ќе почне да се прашува која земја ќе биде следна, а тоа би можело да биде почеток на крајот.
ШПИГЕЛ: Таков апокалиптичен поглед значи дека Грците, едноставно, може да продолжат да доставуваат дополнителни барања затоа што, според Вашата логика, без нив еврозоната би била во многу полоша состојба.
МОСКОВИЧИ: Добро прочитајте го договорот што го постигнавме со Атина. Во него, грчката влада јасно прифаќа мониторинг на нејзините институции од страна на Комисијата, Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд. Во прилог на натамошни реформи, исто така, се обврзува да создаде првичен суфицит со цел да го елиминира долгот чекор по чекор. Дали овие резултати, навистина, звучат како успешна уцена?
ШПИГЕЛ: Да, но можноста за трет пакет финансиска помош во висина од најмногу 20 милијарди евра е веќе предмет за дискусија.
МОСКОВИЧИ: Пред да зборуваме за тоа, прво треба да се заврши прегледувањето на тековната програма за финансиска помош за да можеме да го исплатиме остатокот од средствата.
ШПИГЕЛ: Земјите-членки како Шпанија, Португалија и Ирска, кои требаше да спроведат тешки реформи во замена за финансиска помош, се противат на натамошна помош за Грција.
МОСКОВИЧИ: Ја разбирам фрустрацијата на тие земји. Осумнаесет министри за финансии на еврогрупата неодамна убаво му објаснија на господин Варуфакис дека грчката влада не само што треба да размислува за своите гласачи, туку мора да ги земе предвид и гласачите во другите земји-членки на ЕУ. Министерот за финансии на една балтичка држава истакна дека Грција инсистира на зголемување на минималната плата за 20 проценти и покрај фактот дека таа во неговата земја изнесува само една половина од грчката. Не е лесно да им се соопшти на луѓето таму зошто треба да плаќаат данок.
ШПИГЕЛ: Можеби таа фрустрација, исто така, се должи на фактот дека грчката влада постојано ја вжештува ситуацијата со нови барања. Набргу по договорот, грчкиот министер за финансии Варуфакис повторно побара укинување на долгот.
МОСКОВИЧИ: Што е уште поважно за мене е дека во официјалното писмо до еврогрупата Варуфакис напиша дека го прифаќа мониторингот од институциите. Тоа вреди многу повеќе од кое било од интервјуата што ги дава.
ШПИГЕЛ: Дали сте оптимист и во врска со листата на реформи што ги претстави Атина? Впрочем, грчката влада постојано дава ветувања што не ги исполнува.
МОСКОВИЧИ: Тоа оди предалеку. Тоа е многу точно, не исполниле многу работи. Но, ние треба да работиме со грчката влада за да го смениме токму тоа. Која друга алтернатива ја имаме?
ШПИГЕЛ: Која е алтернативата за која зборувате Вие, ако излегување на Грција од еврозоната не е опција?
МОСКОВИЧИ: Не можеме да заборавиме дека излегување на Грција од еврозоната ќе има сериозни последици за нас. Но, јас сум убеден дека можеме да ја задржиме земјата во еврозоната и дека ние, исто така, можеме да инсистираме на сеопфатна програма за реформи.
ШПИГЕЛ: Грција не е единственото проблематично дете во еврозоната. Во изминатите седум години, Франција го прекршува Пактот за стабилност. Зошто Комисијата, сепак, реши да му даде на Париз уште две години за да го намали својот дефицит до три проценти од домашниот бруто-производ?
МОСКОВИЧИ: Прочитајте ја нашата одлука во целост. Се врши притисок врз Франција. Веќе оваа година, владата мора значително да го намали својот буџетски дефицит и мора да продолжи да работи така и во следните две години, како и да спроведе многубројни структурни реформи. Во никој случај не сме ѝ доделиле бесплатно возење, туку ѝ поставивме многу сериозни услови.
ШПИГЕЛ: Сепак, помалку или повеќе ја отфрлате можноста за поголеми парични казни. Вие ги опишувате санкциите како „колективен неуспех“.
МОСКОВИЧИ: Тоа е, исто така, точно. Ние сакаме да ги убедиме земјите-членки на ЕУ да се подобрат преку реформи. Токму тоа сега треба да го направи Франција. Ако ние само наметнуваме санкции, тогаш тој тип убедување нема да успее.
ШПИГЕЛ: Но, една од лекциите од кризата со еврото е дека мора да се преземат строги казнени мерки против правилата затоа што, во спротивно, земјите-членки нема да се придржуваат кон нивните заеднички договори.
МОСКОВИЧИ: Само кога се присутни објективни услови. Сепак, Франција, дефинитивно, направи напредок во изминатите две години и ние сега бараме и натамошни чекори во наредните години. Тоа е многу поефикасно од санкции.
ШПИГЕЛ: Како го оправдувате таквиот оптимизам? Минатиот месец францускиот премиер Мануел Валс успеа да протурка само умерени реформи со донесување редок итен декрет во Народното собрание, со цел да се заобиколи парламентот.
МОСКОВИЧИ: Дали ние, навистина, треба да ѝ кажеме на француската влада, која, конечно, сама почна да воведува реформи: „Ние сѐ уште не ти веруваме?“ Не треба ли ние, навистина, да имаме поголема доверба во неа во моментов? Германската канцеларка, патем, го мисли истото. Штотуку ја пофали „импресивнaта реформска агенда“ на владата во Париз. И повторувам: Само оваа година, за да се усогласи со барањата, Франција мора да спроведе дополнителни заштеди од четири милијарди евра до јуни, а тоа не е безначајна работа.
ШПИГЕЛ: Гинтер Отингер, Вашиот колега од Колеџот на комесари, вели дека Франција може да го постигне тоа само преку „креативно книговодство“.
МОСКОВИЧИ: Мислам дека изборот на зборови не е соодветен. Јас се противам на францускиот народ отворено да ја критикува Германија и обратно кога Германците го прават истото со Франција. Ако Франција и Германија не си веруваат едни на други, едноставно, нема иднина за Европа.
ШПИГЕЛ: Сепак, како менаџер на кампањата на Франсоа Оланд, јавно застанавте против политиката на штедење на Меркел.
МОСКОВИЧИ: Ниту претседателот Оланд ниту, пак, јас некогаш сме изразиле каков било сомнеж за потребата Франција и Германија да работат заедно. Но, исто така, треба да се потсетат луѓето дека и Германија има потреба од реформи. Франција мора да стане поконкурентна и да го намали трговскиот дефицит. Сепак, Германија доби препорака од Брисел да работи повеќе за да ги поттикне инвестициите. Тоа е во интерес на Германија и во интерес на целата еврозона.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Расистички скандал во Грција: Коментатор нарече црномурест играч „мајмун“
-
Нова демократија: Владата се наоѓа во распаѓање поради Договорот од Преспа
-
Воружен инцидент на границата со Грција: Војници на АРМ отвориле оган во обид да спречат поголема група мигранти да влезат на македонска територија!
-
УНХЦР: Расте бројот на мигранти и бегалци кои од Турција доаѓаат во Грција