| четврток, 6 декември 2018 |

Верушевски одработувал со местенки и порано за СДСМ

verusesese
Разузнавачот Зоран Верушевски со местенки и порано одработувал за интересите на СДСМ. Ова го тврди новинарката Мирка Велиновска во колумната „Нема богат улов со стари бомби“ објавена во Нова Македонија.
Велиновска пишува дека и’ е ужасно непријатно што е сведок на оваа реприза од 2001 и 2002 година и додава дека тајните служби во времето кога Верушевски беше директор на ДБК, си биле под управа на опозициската СДСМ и дека и во време на војна тие дејствувале на страната на ОВК.

-Ме повика кај него дома. Во домот во тој момент беа и жена му и помалиот син. Верушевски го отвори компјутерот и ми прикажа избор од снимки: како се прославува и што се говори по објавата на „големата победа за Македонија“ во просториите на Бихаќска, ама и во домовите на некои високи македонски угледници и благонадежни државни функционери. Со свои очи видов и со свои уши слушнав извадоци од разговори на Бранко Црвенковски, Шеќеринска, Бучковски, Хари Костов и други угледници како ги озборуваат своите сопартијци што не се на забавата, пишува Велиновска.

Ми објасни, додава Велиновска, дека целта била да се избербатат владата и партијата што беа на власт кога ни се случи фингерајката од војна.

-Со други зборови, на ваков начин дознав дека тајните служби си биле под управа на опозициската СДСМ и дека и во време на војна тие дејствувале на страната на ОВК. Дека сме погрешиле што сме мислеле дека нѐ прислушува македонската полиција (се однесува на случајот „Големото уво“), туку сето тоа било игра на странски служби. Ама за потребите на сценариото било обвинето тогашното раководство на МВР. Ми пушти и некои извадоци од разговори на мои колеги што ме работеле за потребите на грчки тајни служби и за тоа добивале хонорари и такви слични „бомби“, за што лично ги известив колку да си знаат што има човеков во посед, пишува Велиновска.

Верушевски, открива таа, барал од неа да објави во „Фокус“ дека ќе прозборел ако не му го остават семејството на раат.

-Го прашав како воопшто може да спие со вакви гнасотилаци и му кажав дека не ми паѓа на памет да објавам што било од ова што ми го прикажува, а за помош и заштита да си се обрати каде што треба. За ова, нормално, го информирав и Никола Младенов. По една недела Верушевски со текст потпишан од Ерол Ризаов објави дека „ќе прозбори ако не го остават на мир неговото семејство“ и најнакрај со лаптоп подрака беше снимен како влегува во јавното обвинителство. Епилогот го знаете: Син му излезе од затвор со интервенција на Црвенковски како шеф на државата. Верушевски со семејството замина за Италија, а јавноста не разбра ништо за веродостојноста на бомбите. Јавниот обвинител тогашен не зуцна ништо. Немаме дури ни поим дали воопшто имаше случај, заведено дело или слично. Важно Верушевски по некоја година се врати во Скопје, стана професор на ФОН и за него не знаевме ништо до мигот кога експлодира скандалот „Пуч“, пишува Велиновска.

Верушевски сега е првообвинет во случајот „Пуч“, заедно со лидерот на СДСМ Зоран, Заев, кој е четвртоосомничен. Осомничените лица во „Пуч“, преку употреба на незаконски средства на следење и шпиунирање со упатување на сериозни закани кон високи државни функционери сакале да извршат преврат и да изнудат разни услуги. Верушевски, кој моментно се наоѓа во притвор под сомнение за други кривични дела, полицијата го терети за шпионажа и помагање на насилство врз државни функционери.

Како што соопшти МВР, Верушевски прибавувал тајни податоци поврзани со работењето на надлежни државни органи во земјава во форма на документи, фотографии, имиња на лица и други податоци кои што се однесуваат на општествено-политичките, економски, безбедносни состојби во Македонија, со намера да ги соопшти и предаде на странска држава, организација или лице што им служи. Лидерот на СДСМ Зоран Заев, пак, се товари дека на средби со премиерот Никола Груевски му се заканувал со докази против него. Извор на информации на Заев му бил Верушевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top